Rıyaz Khalıq
06 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - УНИЦЕФ се залага за интензивни напори за да се спречи онлајн-вознемирувањето, предупредувајќи дека повеќето млади луѓе се жртви на интернет-булингот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во неодамнешната анкета спроведена на еден милион млади луѓе, УНИЦЕФ откри дека над 70 отсто млади на светско ниво се жртви на онлајн-насилство, кибер-булинг и дигитално вознемирување, се наведува во соопштението на ОН објавено доцна синоќа.
„Потребни се концентрирани активности за справување и за спречување на овој вид насилство“, истакна извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе, по повод Денот за побезбеден интернет.
УНИЦЕФ ја направи анкетата меѓу младите луѓе на возраст од 15 до 24 години, во над 160 земји.
Утврдено е дека нивото на приходи не ги спречува младите луѓе да го користат интернетот, велејќи: „(Интернетот) Стана главен елемент од кој зависат младите.“
„Половина од вкупната светска популација, без оглед на возраста, е онлајн, што носи зголемени ризици“, рече таа.
Цитирајќи ја Меѓународната унија за телекомуникации при ОН (ITU), во соопштението се вели дека 94 отсто од младите луѓе на возраст од 15 до 24 години во развиените земји се онлајн.
Форе истакнува дека УНИЦЕФ од децата и младите луѓе од целиот свет го чул мислењето за интернетот: „Интернетот стана пустина на љубезноста.“
„Онлајн-малтретирањето предизвика глобален тренд предводен од учениците #ENDviolence Youth Talks“, истакна таа.
„На крајот, љубезноста се истакнува како едно од најмоќните средства за спречување на булингот и кибер-булингот... Затоа на овој Ден за побезбеден интернет, УНИЦЕФ ги поканува сите, млади и стари, да бидат љубезни на интернет, и да апелираат на поголема акција за да се направи интернетот побезбедно место за секого“, рече Форе.
„Податоците објавени од УНЕСКО велат дека соодносот на деца и адолесценти погодени од кибер-булингот се движи од 5 до 21 отсто, а девојчињата се со поголем ризик од момчињата“, се вели од ОН.
„Кибер-булингот може да предизвика голема штета, бидејќи може брзо да стигне до широка публика и може да остане достапно на интернет неодредено, виртуелно „следејќи“ ги своите жртви онлајн цел живот“, истакна челничката на УНИЦЕФ.
„Жртвите кои доживеале кибер-булинг имаат поголема веројатност да започнат со користење дрога и алкохол, да изостануваат од училиште, да добиваат слаби оценки и да имаат ниско ниво на самопочит и здравствени проблеми. Во екстремни ситуации, тоа може да доведе и до самоубиство“, додаде таа.