Zuhal Demirci
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
ТАШКЕНТ (АА) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -
Сместена во срцето на Азија, Узбекистан е земја која сѐ повеќе привлекува внимание на туристите поради своето богато културно-историско наследство, единствената национална кујна и гостопримството на луѓето, пишува Anadolu Agency (AA).
Економските реформи и транзицијата во изминатите неколку години на Узбекистан му дадоа епитет на ѕвезда во подем во Средна Азија. Со популација од околу 32 милиони важи за една од најмногубројните земји во тој регион.
Узбекистан низ повеќемилениумското минато бил под власт на различни империи, а во 18 век бил поделен на три региони, Хива, Бухара и Конанд, кои паднале под власт на Руското Царство. Независност од Советскиот Сојуз Узбекистан стекна во 1991 година.

Властите во изминатите неколку години го интензивираа развојот на туризмот во Узбекистан, кој со својата култура и специфичност ги маѓепсува туристите од целиот свет.
Над четири петини од територијата ја сочинуваат ненаселени рамници, а во густо населените градови во подножјето на планините се наоѓаат стари градби како сведоци на минатото.
Како една од станиците на древниот Пат на свилата, Узбекистан е туристички бисер на Средна Азија кој изобилува со голем број планини, каравански конаци, медреси, џамии и споменици на исламската култура.

Особено е нагласен верскиот туризам, со оглед на тоа што таму се наоѓаат и гробовите на познати исламски научници, како Бухари и Матуриди.
Во палатата „Hast-i Imam“ се чува и најстариот Куран испишан на кожа од газела, кој е познат и како Османов мусхаф. Се верува дека станува збор за мусхафот кој со своја рака го испишал третиот калиф Осман. Дамките на одредени страници се смета дека се траги од крвта на Осман, бидејќи е познато дека тој е убиен додека го читал Куранот. Мусхафот е под заштита на УНЕСКО.
Главниот град Ташкент претставува единствен спој на историските споменици и модерните високи градби.
Тој воедно е и најголем град во Централна Азија, а го красат широки и чисти улици и плоштади. Од 1977 година во Ташкент функционира и првото метро во тој дел на Азија.
Самарканд, Бухара и Хива се едни од најубавите узбекистански градови, кои исто такa вредат да се посетат, и кои се наоѓаат на Листата на светско наследство на УНЕСКО.