Kemal Karadağ
13 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Министерството за правда на Турција до САД испрати барање за привремено притворање на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, под обвинение за издавање наредби и командување во обидот за државен удар од 15 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што дописникот на АА ги доби од одговорните во Министерството, се дознава дека Министерството за правда на Турција испратило писмо до Министерството за правда на САД, во кое се бара привремен притвор за Ѓулен, поради неговото учество во обидот за државен удар.
Во писмото со кое се бара привремен притвор за Ѓулен, се наведува дека крвавиот државен удар на 15 јули 2016 година е изведен по наредба и команда на Ѓулен.
Во текстот се вели: „Бараме притвор за ова лице, кое покрај големиот број кривични дела што ги има направено во нашата земја, раководел со крвавиот обид за државен удар на 15 јули 2016 година“.
- „Обидот за државен удар беше извршен по наредба и команда на Ѓулен“ -
Во писмото е вметната и одлуката на 2. Кривичен суд во Анкара, за фаќање на Ѓулен, во рамките на истрагата што ја води анкарското Јавно обвинителство, истакнувајќи дека од државата Пенсилванија, во САД каде престојува, Ѓулен на членови на ФЕТО, припадници на турските вооружени сили од различен ранг, им издавал наредби и командувал со обидот за државен удар.
Во барањето се дадени и изјавите што се добиени во рамките на спроведената истрага, во кои се наведува дека Ѓулен ги издавал наредбите и командувал со обидот за државен удар.
Во обидот за државен удар Ѓулен е обвинет за следните дела:
„Атентат врз претседателот, квалификуван како обид за убиство со умисла, обид за укинување на уставниот поредок, укинување на функцијата на Големото народно собрание на Турција или попречување на неговата работа, укинување на власта на Република Турција или попречување на нејзиното работење, формирање на терористичка организација и раководење со неа“, и во рамките на овие обвинувања има и одлука за негово фаќање. Во текстот до Министерството за правда на САД, за Ѓулен се бара казна од 10 до 15 години затвор поради „формирање терористичка организација и раководење со неа“, додека за останатите обвинувања се бара доживотен затвор.
Во писмото на Министерството за правда на Турција се истакнува дека привремен притвор за Ѓулен се бара според членот 10 од „Договорот за екстрадикција на злосторници и криминалци и меѓусебна правна помош во кривичната материја“ меѓу Турција и САД.
Министерството за правда на Турција пред обидот за државен удар до САД има испратено четири одделни документи за извршените кривични дела од страна на ФЕТО и според наводите во документите, исто така е баран привремен притвор за Ѓулен.