Kübra Chohan
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот суд денес му одреди казна затвор на поранешениот судија Четин Сонмез кој го ослободи високиот припадник на терористичката организација ФЕТО, Адил Оксуз, јавува Anadolu Agency (AA).
„21. Kривичен суд за тешки дела во главниот град Анкара му одреди затворска казна од осум години и девет месеци на Четин Сонмез за членување во вооружена терористичка организација“, изјавија судски извори кои сакаа да останат анонимни.
Сонмез го ослободи Оксуз, клучниот осомничен во обидот за пуч во 2016 година во Турција, откако беше приведен во близина на воената воздухопловна база „Акинџи“ на 16 јули.
Потоа Оксуз исчезна, а очевидци посведочија дека избегал од земјата и одредено време минал во Германија.
Инаку, како професор по теологија, Оксуз бил „имам“ на припадниците на ФЕТО во воената база и главната врска помеѓу водачот на ФЕТО во САД, Фетула Ѓулен, и заговорниците на државниот удар во Турција.
Оксуз е обвинет за организирање на неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251, а беа повредени околу 2.200 лица.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на власта преку инфилтрација во турските институции, особено во армијата, полицијата и судството.