Nilay Kar
20 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
ДОХА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес изјави дека Турција интензивно се подготвува за антитерористичката операција во Мунбич и во подрачјето на Сирија источно од реката Еуфрат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање за време на посетата на турските сили во главниот катарски град Доха, Акар изјави: „Во моментот пред нас ги имаме Мунбич и подрачјето источно од реката Еуфрат. Работиме интензивно во поглед на тоа.“

Постојат сознанија дека терористите „копаат ровови и тунели во Мунбич и источно од Еуфрат. Што и да копаат, ровови или тунели... кога ќе дојде времето, ќе бидат погребани во рововите што самите ги копаат. За тоа не треба да се има никаков сомнеж.“, изјави Акар, и додаде:
„Ги следиме настаните одблизу. Операциските и разузнавачките единици на Турција вложуваат максимални напори и продолжуваат да работат деноноќно за да ги исполнат своите должности на најдобар начин.“

Минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека антитерористичките операции источно од реката Еуфрат (Сирија) можат да започнат во секој момент, нагласувајќи дека Турција никогаш нема да дозволи формирање терористички коридор долж својата граница.
Во однос на присуството на терористичката организација ПКК во северен Ирак, Акар изјави: „Во врска со ова, беше извршена воздушна операција и во подрачјето на Синџар и на планината Карајак.“
„Беа преземени сите можни мерки, со цел да не се наштети на ниту еден цивил таму. Му благодариме на Бога, терористите таму беа неутрализирани без да се наштети на цивилите или на невините“, додаде Акар.
Минатата недела турските вооружени сили ѝ зададоа силен удар на терористичката група ПКК во подрачјето на Синџар и планината Карајак во Ирак.
Акар, исто така потсети дека Синџар никогаш нема да стане втор Ќандил, кој се наоѓа на турската граница, каде што терористите на ПКК имаат главна база.
„Ние сторивме сѐ што можеме во врска со тоа и ќе продолжиме понатаму. Никогаш нема да дозволиме тоа да се случи“, додаде тој.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои има и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.