Sorwar Alam
18 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Денес судски извори соопштија дека истанбулскиот обвинител издаде налози за приведување 243 турски воени лица поради поврзаност со обидот за државен удар од минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Осомничените се бараат поради користење на „БајЛок“, тајна апликација за мобилни телефони, користена од страна на терористичката организација ФЕТО, велат анонимните судски извори.
ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен кој престојува во САД, е обвинета за организирање на неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016.
Изворите истакнаа дека по денешната одлука, полициските единици за борба против тероризмот започнаа операции во 54 области низ Турција и приведоа некои од осомничените.
Според претходна одлука, Јавното обвинителство исто така издаде налози за апсење на 575 воени лица по основ на истите обвиненија. Од страна на полицијата беа приведени само 350 од овие осомничени.
При минатогодишниот обид за државен удар од 15 јули загинаа 248 лица, а околу 2.200 беа ранети.
Терористичката мрежа ФЕТО се товари за организирање на обидот за државен удар, како и дека стои зад долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
Од неуспешниот обид за државен удар се спроведуваат операции во војската, полицијата и во судството, како и во државните институции низ земјата со цел да се приведат осомничените за поврзаност со ФЕТО.