Hakan Çopur
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Амбасадата на Република Турција во Вашингтон соопшти дека нивните дипломатски претставништва во ограничен обем почнале да примаат барања за издавање визи на американските граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција, во рамките на дипломатските и конзуларни претставништва во САД, во ограничен обем започна да прима барања за издавање на визи за американските граѓани“, се вели во соопштението на амбасадата.
Откако САД денеска соопштија дека нивните дипломатски претставништва во Турција започнале, во ограничен обем, да примаат барања за издавање визи на турските граѓани, и турската амбасада во Вашингтон соопшти дека почнала да прима барања за издавање визи за граѓаните на САД.
Да потсетиме, дипломатските претставништва на Соединетите Американски Држави (САД) во Турција денеска почнаа, во ограничен обем, да примаат барања за издавање визи за турските граѓани.
Имено, американскиот сервис за визи испрати информација до заинтересираните граѓани на Турција дека канцелариите на американската дипломатска мисија ќе почнат да примаат барања за визи и да закажуваат термини за разговори со кандидатите.
Американските власти на почетокот на октомври соопштија дека е стопирано издавањето визи во дипломатско-конзуларните претставништва во Турција и дека тоа е мерка за преиспитување на односите на Турција кон прашањето на безбедноста на дипломатските претставништва и персоналот. Турција одговори на ист начин и престана да издава визи во дипломатските претставништва во САД.
САД го сопреа издавањето визи за турските државјани поради апсењето на локалниот вработен во американскиот конзулат во Истанбул, кого турските органи го товарат за поврзаност со терористичката организација ФЕТО.