Şerife Çetin
19 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека Русија и понатаму ќе се обидува да ги подели земјите-членки на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Русија ќе продолжи со обидите да нè подели. Но, можам да ви кажам дека сојузниците на НАТО и понатаму ќе бидат единствени“, изјави Столтенберг на прес-конференцијата одржана по состанокот со британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, во Брисел
За време на состанокот најмногу станало збор за неодамнешното труење на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во англискиот град Солсбери.
Столтенберг истакна дека за првпат на територијата на земјите на Алијансата е изведен напад со хемиско средство кое влијае на нервниот систем.
„Ова е навистина големо непочитување на човечкиот живот. Со нападот се прекршени меѓународното право и норми“, рече Столтенберг, додавајќи дека сите земји членки на НАТО го осудиле нападот и дека се подготвени да ја поддржат истрагата за случајот.
Тој ја повика Москва детално да ја информира Меѓународната организација за забрана на хемиското оружје (OPCW) за нервниот агенс Новичок - ултрамоќна сустанца развиена од Советскиот Сојуз во 1970-тите и 1980-тите години.
Тој додаде дека нападот врз Скрипал е само продолжение на рускиите неодговорни потапки како што е нелегалната анексија на Крим, истакнувајќи дека НАТО продолжува да дава одговори на таквите чекори на Русија.
Потсети дека ставот на НАТО кон Москва е цврст, насочен кон одбраната и крајно пропорционален со, како што рече, разумен дијалог на двете страни.

Џонсон во обраќањето кон новинарите изјави дека Русија со своите последни постапки отворено го крши меѓународното право.
„Поддршката која Велика Британија ја доби од НАТО и од целиот свет е многу охрабрувачка“, рече британскиот шеф на дипломатијата.
Да потсетиме, британската премиерка Тереза Меј протера 23 руски дипломати и ги прекина билатералните односи со Русија поради труењето на поранешниот шпион Скрипал и неговата ќерка Јулија. Двајцата сè уште се во болница и се во критична состојба.
Владата на Русија потоа најави дека исто така ќе протера 23 британски дипломати, и се закани со дополнителни мерки како одговор на сè посериозниот спор со Велика Британија околу труењето на поранешниот шпион.