БРИСЕЛ (АА) - ШЕРИФЕ ЧЕТИН -
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека НАТО е присутен во Турција со цел давање поддршка на земјата и упати апел до сите сојузници да пружат поголемо разбирање и поддршка на Турција.
Пред неговата утрешна официјална посета на Турција, Столтенберг одговараше на прашањата на новинарот на Anadolu Agency (AA) во седиштето на НАТО во белгискиот главен град Брисел.
Столтенберг говореше за повеќе критични прашања кои ќе бидат дискутирани за време на неговата посета на Турција, како операцијата „Маслинова гранка“, борбата против тероризмот, Сирија и Источна Гута.
- „Основната цел на посетата е подготовка за самитот во Брисел“ -
Истакнувајќи дека целта на неговата посета на Турција е подготовката за престојниот самит на НАТО во јули, во Брисел, Столтенберг рече дека за низата регионални и глобални прашања ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и со турскиот министер за одбрана, Нуретин Џаникли.
Тој истакна дека Турција е значаен и клучен сојузник пред сè поради нејзината стратешка положба, и поради тоа, нагласи, дека се многу важни консултациите со турските лидери околу подготовките за самитот каде што, како што рече, ќе се разговара за повеќе значајни теми во однос на тоа како НАТО ќе се адаптира на потешка безбедносна средина.
Една од темите на разговoри на Столтенберг во Турција ќе биде и мисијата на НАТО за обука во Ирак.
„Работиме на еден план за започнување на мисија на НАТО за обука во Ирак. Во овие рамки, ќе ги обучиме ирачките војници, како и ќе изградиме воени академии и училишта. На овој начин, ќе им овозможиме на Ирачаните да ја доведат нивната земја во состојба на стабилност, и ќе им пружиме поддршка во прашањата како што е борбата против тероризмот. Ова е значајно за сите сојузници, вклучувајќи ја и Турција“, рече Столтенберг истакнувајќи дека Турција е дел од подготовките за мисијата, и дел од механизмот за донесување одлуки. Тој вели дека сè уште е рано точно да се говори каква улога ќе преземе Турција, но дека се надеваат оти Турција ќе даде придонес во обуките.
- „Упатувам апел до сите сојузници да пружат поголема поддршка за Турција“ -
Потсетувајќи дека Алијансата се состои од 29 сојузници, Столтенберг нагласи дека Турција е важна за НАТО, но и НАТО е важно за Турција, и дека Алијансата работи врз основа на принципот „Еден за сите, сите за еден“.
„Ѝ даваме поддршка на Турција. Постојат одредени мерки за безбедност. На пример, распоредивме ракетни батерии во Турција со цел да се заштити воздушниот простор на оваа земја. Во Турција постојат батериите на Италија и Шпанија од типот Patriot и SAMP-T. Исто така, леталата за рано воздушно предупредување и контрола (AWACS) вршат набљудувачки летови во турскиот воздушен простор. Од друга страна, го зголемивме и присуството на нашите поморски сили во Источниот Медитеран. Турција ја поддржуваме и со некои други елементи, како што е инфраструктурата, практиката и со копнената команда на НАТО (LANDCOM) стационирана во Измир“, посочи Столтенберг, кој истакна дека НАТО има сериозно присуство во Турција, и упати апел до сите сојузници да обезбедат поголема поддршка за Турција.
Според него, НАТО исто така пружа и политичка поддршка на Турција, бидејќи, како што рече, ниту еден сојузник на НАТО не е изложен на толку терористички напади како Турција.
Тој потсети дека Турција доживеа еден неуспешен обид за државен удар во 2016 година, и дека НАТО веднаш го осудил овој обид за дражвен удар, чии цели беа демократските институции во Турција.
- „Турција игра клучна улога во борбата против ДЕАШ“ -
Генералниот секретар на НАТО истакна дека Турција на различни начини придонесува во нивната заедничка безбедност и одбраната, и нагласи дека ѝ се благодарни на Турција поради нејзиниот придонес во мисиите и операциите на НАТО во Авганистан и Косово.
Столтенберг рече дека инфраструктурата што ја овозможи Турција во местата близу границите на Ирак и Сирија играла значајна улога во борбата против терористичката организација ДЕАШ, и дека Турција дала голем придонес и презела многу значајна улога во напорите на сојузниците на НАТО и Меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.
- „Ја поздравуваме транспарентноста на Турција во операцијата Маслинова гранка“ -
Генералниот секретар на НАТО потсети дека НАТО е член на Меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ, но дека нема присуство на теренот.
„Немаме присуство на теренот во северна Сирија, но одредени НАТО сојузници се на тој терен. Сметаме дека постојат некои основни испити во северна Сирија и во Африн. НАТО ја презеде мисијата на една платформа која овозможува можност за директен дијалог на две членки на Алијансата, Турција и САД. Бидејќи НАТО не е на теренот, продолжува да го поттикнува дијалогот меѓу сојузниците кои се наоѓаат во Африн и околината“, додаде Столтенберг.
Според него, Турција има легитимна загриженост за безбедноста, и дека очекуваат тие да бидат решени на пропорционален и умерен начин. Тој истакна дека разбираат оти Турција, земја која е најмногу изложена на терористички напади меѓу сојузниците, треба да ги отстрани овие закани.
„Го поздравуваме и транспарентниот став на Турција во операцијата Маслинова гранка. Турција повеќепати го информираше НАТО околу воената димензија на операцијата, и во однос на хуманитарната помош“, рече тој.
- „Сите сојузници на НАТО дадоа поддршка за операцијата во Сирија“ -
Столтенберг се осврна и на целите на состанокот на НАТО во Брисел, и на оправдувањето на оваа воена операција извршена во Сирија.
„САД, Франција и Велика Британија ги информираа сојузниците околу заедничката воена операција која ја спроведоа во Сирија. Овие три земји истакнаа дека информациите кои ги добиле покажуваат дека сирискиот режим е одговорен за ужасниот напад со хемиско оружје извршен врз цивилите во Дума. Сојузниците јасно нагласија дека воената операција е ограничена на објектите во кои сирискиот режим произведува и овозможува користење на хемиско оружје“, нагласи Столтенберг.
Сите сојузници на НАТО, истакна Столтенберг, рекоа дека ѝ даваат целосна поддршка на оваа операција, и дека нема друга алтернатива освен да се користи сила. Тој рече дека тие како НАТО остро го осудуваат тоа што сирискиот режим повеќепати користеше хемиско оружје.
Според него, воздушната операција отворено покажа дека меѓународната заедница нема да остане нема на користењето на хемиско оружје од страна на Сирија, и дека нема да покаже толеранција.
„НАТО секој пат го осудуваше користењето на хемиско оружје од страна на Сирија поради тоа што отворено ги прекршува меѓународните норми и договори, и секој пат упатуваше апел одговорните лица да одговараат за тоа. Алијансата внимателно ги следи случувањата“, додаде тој.
- „Снабдување со S-400 е една национална одлука“ -
Столтенберг се осврна и на турската набавка на воздушниот одбранбен систем S-400 од Русија, и рече:
„Продажбата и купувањето воена опрема е една национална одлука. Значи, ова е една суверена одлука која е донесена не од страна на НАТО, туку од страна на сојузниците. Ја поздравувам одлуката на Турција за развивањето на ракетниот и воздушен одбранбен систем со две сојузнички на НАТО, Италија и Франција, во рамките на конзорциумот ЕУРОСАМ. Овој настан ќе ја зајакне интеграцијата меѓу сојузниците на НАТО. Од друга страна, постојат информации дека продолжуваат разговорите меѓу Турција и САД за купувања на батериите од типот 'Patriot'. Постојат и разговори за купување на различни видови системи за воздушна и ракетна одбрана меѓу сојузниците на НАТО и Турција“.
- „Соработката меѓу НАТО и ЕУ не треба да донесе нови пречки против земјите кои не се членки на ЕУ“ -
Столтенберг ги поздрави напорите на Европската Унија (АА) во областа на одбраната, и истакна дека тоа ќе го зајакне и НАТО.
„Повеќепати нагласив дека тоа (соработката) треба да се направи на транспарентен начин, и на начин на кој ќе бидат вклучени и сојузниците на НАТО кои не се членки на ЕУ. Способностите кои се развиваат во рамките на одбранбената соработка, треба бидат отворени за користење и од страна на НАТО и неговите операции. Европските лидери јасно истакнаа дека овие направени чекори не претставуваат алтернатива за НАТО. Многу е важно, сето тоа да се направи без да се донесат нови пречки против сојузниците кои не се членки на ЕУ, како Турција“, рече тој.
Според Столтенберг, не треба да се заборави дека откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ (Брегзит), 80 отсто од одбранбените трошоци на НАТО ќе бидат обезбедени од страна на сојузниците кои не се членки на ЕУ. Тој вели дека јасно е оти не може да има една активна европска одбрана без овие сојузници.
- „Тензиите во Егејското Море треба да се решат помеѓу Турција и Грција“ -
Столтенберг нагласи дека Турција и Грција, по нивното членство во 1952 година, излегуваат во преден план како две многу вредни членки на НАТО, и дека двете земји придонесуваат во нивната заедничка безбедност.
„Мислам дека одредените недоразбирања кои се појавија меѓу нив треба да се решат во рамките на добрите односи. Бев многу среќен кога дознав дека премиерите на овие две земји во последиот телефонски разговор се согласиле проблемите да ги решат преку дијалог“, додаде тој, и рече дека ова не е некое прашање што го засега НАТО, и дека мисли оти ова треба да се реши меѓу Турција и Грција.
- „Дијалогот со Русија не е лесен, но е значаен“ -
Откако беше потсетен дека НАТО против труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал одговори со откажување на акредитациите на седум руски дипломати, и одбивање на акредитациите на три други дипломати кои чекале одговор, Столтенберг истакна дека овој одговор е пропорционален и соодветен.
Тој информираше дека бројот на руските дипломати во НАТО го намалиле од 30 на 20 лица, и дека во оваа фаза немаат нов план, но продолжуваат да ги следат случувањата, и на тој начин ќе ги направат проценките.
Столтенберг се осврна и на односите со Русија: „Дијалогот со Русија не е лесен, но е многу важен, особено во периодите на зголемување на тензиите. Русија е наш сосед, и не оди никаде. Затоа, НАТО е отворен во однос на заштитата на еден значаен дијалог со Русија“, додаде тој.
- „Вратата на НАТО е отворена“ -
На новинарското прашање: „Дали можеме да очекуваме една нова членка да биде вклучена во НАТО во блиска иднина?“, Столтенберг одговори:
„Вратата на НАТО е отворена. Најдобриот доказ за тоа е вклучувањето на Црна Гора во НАТО, минатата година. Продолжуваме со работите со Поранешната Југословенска Република Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија. Давајќи им поддршка на трите земји кои сакаат да бидат членки, им помагаме да ги постигнат нивните евроатлантски цели. Сè уште е рано за да се каже една јасна одлука“.
news_share_descriptionsubscription_contact
