Can Erözden
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека Турција нема да биде одговорна за миграцискиот бран во случај да дојде до напади во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер зборуваше за новинарите во подрачјето Јајладаги, во турската јужна област Хатај, која граничи со Сирија.
Сирискиот режим неодамна објави план за започнување голема воена офанзива во областа која долго време е под контрола на разни вооружени опозициски групи.
Од Обединетите нации (ОН) предупредија дека таквата офанзива ќе предизвика најголема хуманитарна катастрофа во 21 век.
„Во текот на изминатите 2 години, во своите домови се вратија 255.300 Сиријци, од кои 160.000 во регионот на „Штитот на Еуфрат“, откако Турција таму воспостави мир“, изјави Сојлу.
Со офанзивата „Штитот на Еуфрат“ прекинат е пристапот на терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ во Средоземното Море и елиминирани се заканите поставени од страна на терористичката организација долж турско-сириската граница.
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која со помош на Слободната сириска војска поддржана од турската артилерија, како и со воздушна поддршка, започна на 24 август 2016 година, а заврши во март 2017 година, беше со цел елиминирање на терористичката закана долж границата во северните сириски региони Џарабулус, Ал Раџ, Ал Баб и Азаз.
Критикувајќи ги т.н. големи земји во врска со нивниот пристап кон кризата во Сирија, турскиот министер изјави дека постои голема контрадикторност во она што го велат тие земји и во она што го прават во врска со прашањето за Сирија.
Тој, исто така нагласи дека во просек 6.800 нелегални мигранти во 2015 година дневно ја напуштале западна Турција и оделе во Грција, и дека тој број сега е намален на 79.
Турција претставува главна рута за нелегални мигранти кои се обидуваат да преминат во Европа, особено по Граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година.