Beyza Binnur Dönmez
08 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
ЊУЈОРК (АА) - „Саудискиот престолонаследник тајно планирал убиство на новинарот Џамал Кашоги најмалку една година пред неговата смрт во Истанбул минатата есен“, објави „Њујорк тајмс“ (The New York Times).
Во статијата во весникот се цитирани поранешни и актуелни официјални претставници од САД и од други земји, кои велат дека разузнавачките агенции пресретнале разговор помеѓу Мухамед бин Селман и висок советник.
Тоа претставува „најисцрпниот доказ до денес“ дека престолонаследникот имал намера Кашоги да биде убиен долго време пред тимот саудиски оперативци да го задават во саудискиот Конзулат во Истанбул.
„Разговорот помеѓу Бин Селман и неговиот советник Турки Алдахил во септември 2017 година открива дека саудиската Влада сè повеќе била вознемирена од критиките на Кашоги“, изјави официјален претставник кој ги видел разузнавачките извештаи.
Претставникот истакна дека во истиот разговор принцот дал наредби за присилно враќање на Кашоги во Кралството, доколку не се врати доброволно.
Бин Селман рекол дека ако двата метода не бидат успешни, тогаш тие ќе одат по саудискиот новинар со „куршум“.
Аналитичарите на американските разузнавачки служби велат дека зборот „куршум“, кој Бин Селман го кажал во разговорот, би можело да биде фраза која укажува на неговите намери за убиството на новинарот, а не само пукање во него.
- Стапицата на „Ал-Арабија“ -
Алдахил, кој беше генерален директор на „Ал-Арабија“, саудиски телевизиски канал, никогаш не е споменат во истрагата за случајот „Кашоги“.
Алдахил и Бин Селман планирале да му понудат работа на Кашоги во „Ал-Арабија“ со намера да го вратат во земјата.
Некои саудиски интернет-сајтови за вести пишуваат дека Алдахил, кој минатиот месец се повлече од својата позиција во „Ал-Арабија“, е главниот избраник за амбасадор на Саудиска Арабија во Абу Даби.
Неколку дена пред состанокот со Алдахил, принцот му го изразил своето незадоволство на Сауд ал Кахтани, друг поранешен советник, во врска со статиите на Кашоги на социјалните медиуми.
Ал Кахтани го предупредил Бин Селман дека можниот атак над Кашоги би можел да ја разбранува меѓународната јавност, но принцот останал на тврдењето дека Кралството не треба да се грижи за реакциите поврзани со прашања за неговите граѓани.
Кашоги беше убиен и исечен на парчиња од група саудиски оперативци кратко откако влезе во Конзулатот на земјата во Истанбул на 2 октомври.
Ријад даде повеќе контрадикторни објаснувања за неговото исчезнување пред да признае дека тој бил убиен во дипломатското претставништво, фрлајќи ја вината на грубото испрашување на Кашоги, спроведено од страна на оперативците.
Но, ова објаснување не беше прифатено надвор од Саудиска Арабија.