Merve Aydoğan
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Најголемата вооружена опозициска група во Сирија, Народен ослободителен фронт (NLF), ја објави својата поддршка за Договорот меѓу Турција и Русија во врска со северозападната сириска покраина Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пишано соопштение издадено преку нивните профили на социјалните медиуми, од Народниот ослободителен фронт се вели: „Му се заблагодаруваме на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неговите тешки напори и истрајна работа во спречувањето на оваа војна.“
Нагласувајќи дека резултатот од преговорите во Сочи бил очигледна победа за турската дипломатија, во соопштението понатаму се додава дека групата нема да се откаже од својата цел за соборување на режимот на Башар ал Асад.
„Ја објавуваме нашата целосна соработка во напорите на нашиот турски сојузник. Исто така ќе бидеме свесни и претпазливи за какво било предавство од страна на Русите, режимот на Асад и Иранците“, се вели во соопштението.
Во понеделникот турскиот претседател Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин во крајбрежниот руски град Сочи се согласија за воспоставување демилитаризирана зона во Идлиб.
Анкара и Москва потпишаа Меморандум за разбирање, повикувајќи на стабилизирање на ситуацијата во демилитализираната зона во Идлиб.
Лоциран во близина на турската граница, Идлиб е дом на над 3 милиони Сиријци, од кои многумина дојдоа од другите градови бегајќи од нападите на режимските сили.
Сирискиот режим неодамна објави план за започнување голема воена офанзива во подрачјето на Идлиб, кое долго време е под контрола на различни вооружени опозициски групи.
Обединетите нации (ОН) минатата недела предупредија дека таквата офанзива ќе ја предизвика најголемата хуманитарна катастрофа во 21 век.