Zehra Ulucak
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ТАМПА (АА) - Интензитетот на ураганот Ирма, кој ја погоди сојузната американска држава Флорида и се движи кон северозападниот дел, се намали до прва категорија, јавува Anadolu Agency (AA).
Јачината на ураганот е намалена на 135 километри на час.
Ирма се наоѓа на 40 километри северно од Тампа.
Во претходното соопштение на американскиот Национален институт за урагани се наведува дека во утринските часови по локално време, во северниот дел на Флорида и во јужниот дел на Џорџија ураганот би можел да премине во тропска бура.
Ураганот Ирма предизвика значителна материјална штета во погодените подрачја. Околу четири милиони станбени и деловни објекти останаа без електрична енергија, поради што во оваа сојузна држава е прогласена забрана за излез на улица сѐ до утрото.
Силниот ветер во Мајами откорна стебла, а во Форт Лодердејл се срушени и четири кранови.
Поради ураганот, за време на викендот во земјата се откажани околу 9.000 летови. Меѓународниот аеродром Мајами ќе биде затворен и денес.
Надлежните и претходно истакнаа дека од последиците на ураганот Ирма смртно настрадале три лица. Пред да ги погоди САД, ураганот на Карибите однесе најмалку 28 животи.
Беше донесена одлука за евакуација на речиси третина од населението во Флорида (околу 6,5 милиони лица), а вонредна состојба (во целост или делумно) е прогласена во Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија и во Вирџинија.