Abduljabbar Aburas
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран, истакнувајќи дека повторно ќе воведат санкции против Иран, кои беа укинати во 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најавувам дека САД се повлекуваат од иранскиот нуклеарен договор. Повторно ќе воведеме санкции од највисоко ниво. Секоја нација која ќе му помогне на Иран може да дојде на удар на санкциите. Америка нема да биде заложник на нуклеарна уцена. Нема да дозволиме закана од уништување на американските градови“, рече Трамп.
Тој додаде дека нуклеарниот договор со Иран е заснован на идејата иранскиот режим да сака само мирољубива примена на нуклеарната енергија.
„Сепак, тој катастрофален нуклеарен договор му даде на овој режим многу милијарди долари. Дел од тоа беа готовински. Тоа е голем срам за мене како граѓанин на оваа држава и за сите граѓани на САД“, изјави Трамп.
Нагласи дека иранскиот режим е главен државен спонзор на тероризмот и дека ги поддржува Хамас, Хезболах, Талибанците и Ал Каеда.
„Во текот на неколку години, Иран и неговите соработници убија стотици американски војници и киднапираа американски граѓани. Иранскиот режим го финансира тероризмот додека го пљачка сопствениот народ. Но, најопасна е неговата желба за нуклеарно оружје“, изјави Трамп на почетокот од својот говор.
Истакна дека нуклеарниот договор со Иран не ги ограничи активностите на Иран во Сирија, Ирак и на други места.
„Во времето кога тој беше потпишан, пред три години, можеше да биде договорен многу подобар договор, но не беше. Денес имаме јасен доказ дека ветувањето на Иран било само лага. Минатата недела, Израел објави разузнавачки документи кои покажуваат дека Иран не се откажал од нуклеарното оружје. Иранскиот нуклеарен договор не донесе мир, ниту некогаш ќе донесе. Иранскиот воен буџет од потпишувањето на договорот порасна за 40 отсто“, рече Трамп.
Тој истакна дека договорот е многу лош и дека поради тоа Иран може да се врати на производството на нуклеарно оружје многу брзо по неговото раскинување.
„Овој договор не прави ништо за да ја спречи иранската поддршка на тероризмот. Во контекст на сето ова, претходно најавив дека договорот мора да биде изменет или да се укине. Тоа го повторив пред три месеци. Реков дека ако договорот не се поправи, САД во него повеќе не може да учествуваат. Во последните неколку месеци разговаравме со нашите западни пријатели, но и со оние од Блискиот Исток. Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје. По тие разговори, сфативме дека не можеме да го спречиме Иран да набави нуклеарно оружје, барем не со ваков договор“, рече Трамп.