Tuğrul Çam
28 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Амбасадата на САД во Анкара најави дека денес ќе биде продолжено издавањето на визите за државјаните на Република Турција, кое беше запрено од средината на октомври, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од амбасадата на САД во Анкара е наведено дека од октомври оваа година веќе нема истраги на турските власти против локалните вработени во американските мисии и претставништва на подрачјето на Турција.
Исто така, наведено e дека од турските претставници на високо ниво е загарантирано дека локалните вработени во американските мисии во Турција веќе нема да се приведуваат ниту апсат, поради своето извршувањето на службените должности. Од американската амбасада исто така тврдат дека турските институции во иднина, кога ќе сакаат да приведат или уапсат некој од локалните вработени во американските мисии, пред тоа ќе ја известат Владата на САД.
„Со оглед на гаранциите искажани по тоа прашање, американскиот Стејт Депармент смета дека безбедносната ситуација била доволно подобрена за да се продолжи целосното издавање на визни услуги во Турција“, се наведува во соопштението.
Турската амбасада во Вашингтон кон средината на октомври ги суспендираше сите процедури во врска со издавањето визи на американски државјани во сите дипломатски мисии во САД.
Тоа се случи непосредно по соопштението на американската страна за суспензија на издавањето визи во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во Турција.
Пред меѓусебното суспендирање на визите, со истрагата во однос на заверата која во периодот од 17 до 25 декември 2013 година во Турција ја изврши терористичката организација ФЕТО, утврдено е дека претставникот на Генералниот конзулат на САД во Истанбул, Метин Топуз, бил во контакт со обвинетите поранешни директори на полицијата и поранешниот обвинител, Зекерија Оз, кој и понатаму е во бегство.
Топуз по налог на Обвинителството во Истанбул е уапсен поради обид за рушење на уставниот поредок, шпионажа и обид за рушење на Владата на Република Турција.
По апсењето на Топуз следуваше реакција од САД. Како одговор на таа реакција Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека Метин Топуз, кој беше уапсен на 25 септември 2017 година, не бил на официјалната листа на вработени на конзулатот на САД и дека немал никаков дипломатски или конзуларен имунитет или привилегии.