Besar Ademi
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, на прес-конференција одржана пред зградата на инфо-центарот на Европската Унија во Скопје, побара од претседателот Ѓорѓе Иванов повторно да ја разгледа вчерашната одлука да не го даде мандатот за формирање на новата влада, јавува Anadolu Ageny (AA).
Бејли изјави дека САД се разочарани откако Иванов го одби, како што рече, парламентарното мнозинство за формирање на нова влада.
„Како стратешки партнер и како пријател на Македонија, со целосна почит кон сувереноста и унитарноста на Македонија, го повикуваме претседателот Иванов повторно да ја разгледа својата одлука. Во исто време, ги повикуваме соседните земји на Македонија да бидат внимателни и конструктивни во овие моменти на чувствителни политики во земјата“, изјави Бејли.
Амбасадорот Џес Бејли истакна дека одлуката на претседателот Иванов е неконзистентна со основните принципи на демократијата и владеењето на правото, коишто се суштинските вредности на Северноатлантската алијанса – НАТО“.
По неговата изјава, амбасадорот замина за да се сретне со амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, одби да го даде мандатот на лидерот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Зоран Заев, кој претходно имаше доставено 67 потписи заедно со Демократската унија за интеграција (ДУИ), Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, како парламентарно мнозинство за формирање на новата влада.
Претседателот Иванов имаше изјавено дека нема да го даде мандатот за формирање на нова влада, на секој што преговара за платформи на странски земји коишто му се закануваат на македонскиот народ, унитарноста на државата и на нејзината самостојност и суверенитет.
Заедничката платформа меѓу албанските политички субјекти во Македонија беше потпишана по предвремените избори на 11. декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Преку оваа платформа, во којашто се вклучени неколку барања за правата на Албанците во Македонија, албанските лидери тврдат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не се исполнат барањата истакнати во платформата.