İbrahim Halil Çekici
02 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Рамазан И., чија фотографија е објавена на некои веб-страници и социјални мрежи како осомничен за извршувањето на терористичкиот напад во еден ноќен клуб во Истанбул, бил повикан во полицијата за да даде изјава, јавува Anadolu Agency (AA).
По изјавата на неговиот клиент, адвокатот на Рамазан И., Мустафа Сердар Акдиган најостро го осуди овој терористички чин пред новинарите пред полициската станица.
Адвокатот изјави дека објавувањето на фотографијата на неговиот клиент како извршител на ова дело е многу неодговорен акт. Тој за својот клиент Рамазан И. рече дека дошле во полициската станица во Зејтинбурну за да дадат изјава, и било утврдено дека неговиот клиент не е поврзан со овој терористички акт.
Адвокатот Акдоган изјави дека ги приложиле потребните документи. „Одредени институции се обидоа да ја изменат дневната агенда во државата, неодговорно објавувајќи ја фотографијата на мојот клиент на социјалните мрежи и во некои медиуми. Истовремено, упативме пријава до полицијата против лицата што мојот клиент, казахстански државјанин роден во Турција, го посочија како изршител на терористичкиот напад”.
Адвокатот Акдоган изрази сочувство до сите граѓани на Турција поради овој крвав напад, а на ранетите им посака брзо заздравување. „Мојот клиент, како млад човек што ја сака својата татковина и својот народ, ќе продолжи да се однесува одговорно“, изјави адвокатот Акдоган.
- „Фотографија стара 3-4 години снимена на аеродром“ -
Адвокатот Акдоган за својот клиент кој е државјанин на Казахстан го рече следното:
„Во печатот беше објавена фотографија од безбедносните камери на истанбулскиот аеродром од пред 3-4 години, кога мојот клиент бил фотографиран. Мојот клиент во Казахстан има бизнис со чевли и влечки. Тој е државјанин на Казахстан, но роден е во Зејтинбурну, Истанбул. Неговото семејство живее во Казахстан и мојот клиент често патува на релацијата Турција – Казахстан. Последен пат, на 10 декември допатувал во Турција, во градот Газиантеп, каде што учествувал на саемот за чевли. За овој крвав настан бил информиран од своите пријатели. Заедно со мојот клиент, дојдовме во полициската станица во Зејтинбурну заради расветлување на овој случај“.
Рамазан И. истакна дека од Казахстан доаѓа поради трговија: „Веста во доцните вечерни часови ми ја пренесоа моите пријатели, кои ја виделе мојата фотографија. Потоа дојдов во полициската станица, дадов изјава и ја објаснив ситуацијата“.