Ekipa
25 Декември 2016•Ажурирај: 25 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изјави дека причините за падот на авионот ТU-154 во Црното Море ќе биде предмет на опсежна истрага и дека семејствата на настраданите во утринската авионска несреќа од Русија ќе ја добијат сета потребна поддршка, јавува Anadolu Agency (AA).
Рускиот патнички авион ТU-154 со 92 патници и членови на посадата, кој леташе кон Сирија, утринава падна во Црното Mоре, неколку минути по полетувањето од Сочи. Авионот на руското министерство за одбрана, Т-154 го пренесувал познатиот хор, Александров, на концерт во руската воздушна база во регионот Латакија.
Откако руското Министерство за одбрана соопшти дека во несреќата нема преживеани, рускиот претседател Путин соопшти дека владата именувала посебна комисија за истрага на причините за трагедијата.
Путин упати порака со сочувство со семејствата на загинатите во авионската несреќа, и го прогласи 26 декември за Ден на национална жалост во Русија.
„Утре ќе биде прогласен за ден на национална жалост за жртвите од утринската авионска несреќа”, изјави Путин.
Паралелно со тоа, рускиот министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров, изјави дека сè уште е рано да се зборува за повлекување од употреба на авионот од типот ТU-154.
„Во светот имаме многу типови на авиони кои не се произведуваат повеќе, но се сè уште во употреба. Очекуваниот век на траење на тие авиони е 40 години, а во светот имаме авиони кои се користат и до 60 години”, изјави Мантуров.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека нема преживеани во несреќата, а дека во авионот се наоѓале 64 музичари, девет новинари, осум војници, еден претставник на невладина организација, двајца официјални лица на министерството и осум членови на екипажот.
Во тек е опсежна акција за потрага по авионот во Црното Море во која учествуваат голем број спасувачки екипи со десет бродови и пет хеликоптери.
Руските медиуми јавија дека се пронајдени остатоци од срушениот авион и дека од морето се извлечени најмалку десет безживотни тела на настраданите.
Министерството исто така соопшти дека авионот ТU-154 бил произведен пред околу 30 години, и дека последен пат на поправка бил кон крајот на 2014 година. Авионот од кобниот лет Сочи - Латакија има направено вкупно 6.689 часови лет, а редовен преглед на леталото е извршен во септември оваа година.
„Со авионот на Mинистерството за одбрана на Русија управувал искусниот пилот, Роман Волков. Станува збор за пилот од прва класа со над 3.000 часови летање”, се наведува во соопштението на министерството.
Спасувачките служби деловите од авионот ги пронајдоа 1,5 километри од брегот, на длабочина од 50 до 70 метри.