Elena Teslova
18 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF), може да доведе до колапс на системот за контрола на оружјето, јавува Anadolu Agency (AA).
„Без оглед на сите моментални проблеми во Договорот, во модерните услови тој служи како фактор на стабилизација и работи на одржување на одредено ниво на предвидливост и воздржаност во воената сфера“, изјави Путин денес во Москва.
Путин рече дека доколку проблемот на Договорот е од билатерален карактер, со преговори може да биде проширен, вклучувајќи нови земји, и дека исто така може да се подготви и нов договор.
„Доколку САД одлучат да се повлечат од Договорот, сметам дека е потребно да истакнам дека ќе бидеме принудени да преземеме додатни мерки за зајакнување на нашата безбедност“, изјави Путин.
Договорот за нуклеарни сили од среден дострел беше потпишан во 1987 година од страна на тогашниот советски лидер Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган.
На 21 октомври американскиот претседател Доналд Трамп ја најави својата одлука за повлекување од Договорот.