Hakan Ceyhan Aydoğan
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин го осуди синоќешниот терористички напад во Истанбул и на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган му изрази сочувство, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не можам да замислам дека постои поголемо злосторство од убиството на невини цивили на прославата и дочекот на Новата година. Сепак, јасно е дека хуманите вредности се во потполност туѓи за терористите. Нашата заедничка задача е одлучно да одговориме на таквите терористички напади“, изјави Путин во пораката што беше објавена на официјалната интернет страница на Кремљ.
Претседателот Путин истакна дека Русија е сигурен сојузник на Турција во борбата против тероризмот.
Минатата ноќ, во терористички напад во ноќен клуб во Ортакој во областа Бешикташ, Истанбул, загинаа најмалку 39, а беа повредени 69 лица. Истрагата за нападот е во тек, како и опсежната полициска потера по напаѓачот.
Досега се идентификувани 20 лица, меѓу кои 15 странски и пет турски државјани. Во тек е идентификацијата на другите жртви, а наскоро се очекува и детали за тие информации.