Mehmet Kara
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов, при посетата на претседателството на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Анкара, која спроведува активности и во Македонија, изрази благодарност за сите инвестиции и актвности во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга и делегација престојува во посета на Турција по повод инаугурацијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По посетата на претседателството на ТИКА во Анкара, претседателот Иванов даде изјава за медиумите.
Иванов го изрази своето задоволство што учествува на церемонијата по повод инаугурацијата на турскиот претседател. Иванов уште еднаш му ја честиташе изборната победа и новата должност на Ердоган.
Зборувајќи за активностите на ТИКА во Македонија, Иванов истакна: „Во свое име, во името на мојата сопруга и делегацијата, му се заблагодарувам на претседателството на ТИКА за сите инвестиции и активности спроведени во Македонија. Истовремено, би сакал да ја изразам благодарноста на илјадници македонски државјани кои имаат придобивки благодарение на спроведените проекти и активности на ТИКА, особено на полето на здравството, земјоделството и придонесот во одржувањето на историското и културното наследство.“
- Кардиоваскуларната болница што ТИКА ќе ја отвори, ќе биде единствена на Балканот -
Иванов соопшти дека на средбата меѓу претставниците на ТИКА и делегацијата од Македонија се потпишани голем број нови проекти. Македонскиот претседател особено ги истакна активностите на ТИКА на полето на здравството, благодарение на кои се спасени животите на малите деца и бебиња.
Нагласувајќи дека кардиоваскуларната болница што ТИКА ќе ја отвори во Македонија ќе биде единствена на Балканот, Иванов посочи: „Потпишувањето на овој проект има многу големо симболичко значење, бидејќи претставува инвестиција во здравјето на идните генерации. Во моментов додека зборувам со вас, се раѓаат десетици бебиња, а благодарение на потпишаниот договор, денеска родените деца ќе имаат можност да живеат во 22. век. Благодарение на придонесот што ТИКА денеска ѝ го дава на Македонија, децата и во 22. век ќе се сеќаваат на ТИКА.