Mümin Altaş
22 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
АНКАРА (AA) – Великанот на турскиот фудбал и речиси четиридеценискиот претседател на клубот Генчлербирлиги, Илхан Џавџав, почина во 81. година од животот, а комеморацијата и погребот ќе бидат организирани во вторник во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Џавџав е дете на доселеници од Приштина. Со својот труд стекна голем углед во турскиот и во европскиот фудбал, а денес, по повод неговата смрт, пораки со сочувство упатија највисоките турски претставници, Турскиот фудбалски сојуз (TFF), како и најголем дел од спортските колективи во земјата.
Како талентиран одбранбен играч во јуниорска категорија настапуваше во тимот Мамак Маскеспор, а како 19-годишник потпиша и професионален договор со тимот Генчликспор. Но, бидејќи првиот меч требаше да го игра против поранешниот клуб, емотивниот Џавџав одлучи да ѝ стави крај на играчката кариера и наредните две децении беше успешен бизнисмен.
Љубовта кон фудбалот го врати назад во тој спорт и од 1978 година успешно ја извршуваше функцијата претседател на тимот Генчлербирлиги од Анкара.
На клубот му обезбеди модерна инфраструктура и успешни настапи во елитното друштво на турскиот фудбал, а на пошироката јавност е познат по тоа што во тимот носеше млади и непознати фудбалери и ги продаваше на другите клубови за големи суми на пари.
Како претседател присуствуваше на сите мечеви во сите категории, и е прв човек на клубот што ја отвори вратата на Турција за младите фудбалери од Африка. Поранешниот камерунски репрезентативец и поранешен ас на Реал Мадрид Ниџитап Џереми, е само еден од фудбалерите кој ги откри токму Џавџав.
Како претседател на Генчлербирлиги во текот на 37 години, Чавчав соработуваше со вкупно 42 тренери, односно шефови на стручниот штаб.
Поради смртта на Чавчав, угледниот бизнисмен и спортски работник, денес е одложен планираниот меч во турската Спор Тото Супер лига помеѓу Газиантепспор и Генчлербирлиги.