Dildar Baykan
24 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека визите на некои саудиски функционери, поврзани со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, ќе бидат поништени, јавува Anadolu Agency (AA).
На новинарите им објасни дека спомнатите функционери се вработени во различни институции на Саудиска Арабија, вклучувајќи го кралскиот суд, разузнавачките служби, Министерството за надворешни работи и другите саудиски министерства.
Сепак, не прецизираше на кои лица се однесува одлуката бидејќи таквите информации за визи се доверливи.
Истакна дека Турција е многу кооперативна во случајот „Кашоги".
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон Пост" Џамал Кашоги исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија мината недела соопштија дека Кашоги починал за време на расправија во Конзулатот.
Истрага за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните остатоци и утврдување на одговорните за убиството на Кашоги.