Vesna Besiç
11 Септември 2016•Ажурирај: 12 Септември 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Во Хрватска во седум часот се отворија избирачките места каде што гласачите одлучуваат за новиот, 9-ти состав на Хрватскиот Сабор, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачите ќе имаат можност да гласаат на 6.947 избирачки места, а избирачите кои се припадници на националните малцинства имаат право да гласаат за кандидатите во XII. изборна единица.
Гласачите имаат право на преференцијално гласање, што значи дека на листата може да изберат едно име и презиме што со дополнително заокружување ќе добие преференциски глас.
Ќе се гласа и во 49 држави каде што има хрватска иселеничка заедница и државјани и кои во 11. изборна единица ќе изберат тројца пратеници во Собранието од вкупно 115 избирачки места.
Државната изборна комисија (ДИК) им препорача на сите работодавци во Република Хрватска да им овозможат на вработените да гласаат така што начинот на работа ќе го организираат сменски или со тимски начин на работа.
Инаку, денес во Хрватска се одржуваат предвремени парламентарни избори, само десет месеци по последните избори, по кои е формирана нестабилната Влада на ХДЗ и на Мост.
Според спроведените анкети, во изборната ноќ нема да има апсолутен победник, туку како и изминатите избори, ќе се започне создавање парламентарно мнозинство во што ќе успее еден од двата најголеми ривали, а тоа се ХДЗ и Народната коалиција предводена од Социјалдемократската партија (СДП). И покрај шпекулациите за можноста од т.н. голема коалиција на ХДЗ и СДП, лидерите на овие партии досега ја одбиваа таквата можност.
Народната коалиција, според анкетите, ќе добие најмногу 65 пратеници, додека ХДЗ, кои одат на гласање сами, ќе имаат околу 60 места.
Анкетите покажуваат дека третата опција со најмногу гласови ќе биде Мост, која ќе освои од 10 до 15 пратенички места во Парламентот, по што следи Партијата на трудот и солидарноста на Бандиќ, а тука е и ХДССБ (Хрватскиот демократски сојуз на Славонија и Барање) на Главаш.
Во Хрватскиот парламент се избира 151 пратеник за период од четири години, според одредбите на Уставот на Република Хрватска, Законот за избор на пратеници во Хрватскиот парламент и низа посебни прописи.
По изборите, ДИК ќе ги утврди и објави конечните, официјални резултати од парламентарните избори. Претседателката на Република Хрватска го свикува Хрватскиот сабор на својата прва седница најдоцна во рок од дваесет дена по изборите. Хрватскиот парламент се конституира со избор на претседател на првата седница на која присуствуваат мнозинство од пратениците.
Осмиот состав на Хрватскиот парламент беше конституиран на 28 декември 2015 година, а ќе заврши на денот на конституирањето на деветтиот состав.
Повеќепартиски парламентарни избори во Хрватска се одржани осумпати: 1990 година, 1992, 1995, 2000, 2003, 2007, 2011 и 2015 година.