Hajer M'tırı
03 Јуни 2016•Ажурирај: 04 Јуни 2016
ПАРИЗ (АА) - Француската иницијатива со цел оживување на Израелско-палестинскиот мировен процес започна денес во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот во Париз присуствуваат 30 официјални лица од Блискиот Исток од ОН, ЕУ, Русија и САД, како и Арапската лига и други држави, но нема да вклучува претставници од Израел и Палестина.
Државниот секретар на САД, Џон Кери, и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, се меѓу присутните на состанокот, а Израел го одби состанокот, повикувајќи на директни преговори.
Во воведниот говор претседателот на Франција, Франсоа Оланд, рече дека е направен напредок но недостасува воспоставување на мирот.
„Насилството се зголемува и надежта исчезнува - затоа сакаме да се обидеме да го оживееме мировниот процес”, изјави тој пред делегатите, предупредувајќи ги за „дипломатскиот вакум кој ќе биде исполнет со екстремизам и тероризам”.
Оланд истакна дека само Израел и Палестина можат да преземат „храбар чекор кон мирот” и додаде: „Дискусијата за условите за мир меѓу Израелците и Палестинците, мора да го земе в предвид целиот регион”.
Двете страни последен пат се состанаа во април 2014 година, но разговорите со Палестинците прекинаа поради обвинувањата упатени кон Израел за прекршување на договорот за ослободување на затворениците.
Денешниот состанок ќе се обиде да создаде агенда за есенскиот мировен самит и да се фокусира на иницијативата од 2002 која предложи арапско признавање на Израел во замена за враќање на границите на Палестинската држава во границите од пред 1967 година.
Зборувајќи пред состанокот, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Марк Ајро, изјави дека Конференцијата е повеќе од потребна бидејќи директниот дијалог помеѓу Израелците и Палестинците „не функционира”.
Тој за француската инфо радио станица изјави: „Денес, сè е блокирано.... Не сакаме да делуваме наместо Палестинците и Израелците, но сакаме да им помогнеме” .
Француската иницијатива започна во јануари кога Франција рече дека ќе ја признае независната Палестинска држава доколку не се направи напредок во мировниот процес. Изјавата беше повлечена по израелските преговори.
Израел вели дека Самитот може да го одвлече вниманието од преговорите со Палестина.
Уште од 1990 година, повеќекратни мировни преговори не успеаа да ги решат разликите меѓу Израел и Палестина. Најпроблематични прашања се статусот на Ерусалим, еврејското население во окупираниот Западен брег и државноста на Палестина.