свет

Палестинско семејство еден век чува снопче пари поверени од османлиски војник

Угледно трговско семејство, во присуство на новинар на АА за првпат го отвори платненото снопче во кое се наоѓаа 152 османлиски лири во противвредност на денешни 25.000 евра

Turgut Alp Boyraz, Esat Fırat  | 20.07.2018 - Обновена : 22.07.2018
Палестинско семејство еден век чува снопче пари поверени од османлиски војник İssam Rimawi/AA

Nablus

НАБЛУС (АА) - УРГУТ АЛП БОЈРАЗ / ЕСАТ ФИРАТ –

Угледно палестинско трговско семејство во Наблус, подолго од еден век чува пари, кои османлиски војник им ги поверил на чување, откако бил префрлен на друг фронт за време на Првата светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).

Османлискиот војник, за време на Првата светска војна, поточно во 1915 година, морал да го напушти Наблус и да отиде на друго боиште, па сите свои пари ги замотал во платно и ги доверил на трговецот Рушду Ефенди.

Неговите внуци и денес го чуваат тоа снопче пари по кои војникот никогаш не се вратил, а тоа го прават со голема посветеност, така што никогаш не го отворале снопчето да видат колкава сума пари се наоѓа во него.

По 103 години, семејството во разговор со новинар на АА, за првпат раскажа за овој случај и се согласи да го отвори снопчето и да ги преброи парите.

Семејниот занает на Ефенди во Наблус, градот познат и како „палестинска сестра на Дамаск“, денес го води неговиот наследник Рагиб Хилми ал Алул.

Токму тој го отвори снопчето во кое се наоѓаат вкупно 152 османлиски лири во апоени од по половина, една и пет лири.

Банкнотите се печатени во периодот на владеењето на султанот Мехмет Решад, а се во вкупна противредност на речиси 140.000 нови турски лири (25.000 евра).

Веднаш по фотографирањето, Ал Алул, банкнотите со потпис и печат на султанот Решад и печатницата „Giesecke & Devrient“, ги врати во платненото снопче и челичниот сеф во кои стоеле и во изминатиот век.

„Османлискиот војник имал доверба и ги оставил сопствените пари на мојот чичко. Му кажал дека парите ќе ги бара по враќањето во Наблус, но повеќе никогаш не се појавил. Не му го знаеме ни името, ниту што се случило со тој војник, но очигледно бил близок пријател со мојот чичко“, изјави Ал Алул.

Истакнувајќи дека неговото семејство е познато како доверлив домаќин во Наблус, Ал Алул изјави дека заштедените пари на војникот ги чувале во тајност, до неодамнешната посета на делегацијата на турскиот конзул од Ерусалим (Кудс), кога за првпат на некого го споменале тој случај, а во јавноста за првпат го пренесуваат преку АА.

„Многумина ни поверуваат вредни работи на чување, бидејќи сме угледно семејство, но секако дека е посебен случајот кога нешто чувате повеќе од 100 години. Секако дека не очекуваме османлискиот војник да се појави и да ги побара парите, но и понатаму ќе го чуваме неговото наследство и ќе ја оправдаме укажаната доверба“, изјави 71-годишниот Ал Алул.

Ал Алул наведе дека и самиот, за тој аманет на османлискиот војник дознал во 1970-тите години, кога по завршувањето на факултетот стекнал право на пристап до семејниот сеф, а постарите членови од семејството му ја раскажле историјата на приказната за платненото снопче.

Тој истакна дека поминале многу години и дека, сепак, постои минимална шанса некој од роднините на османлискиот војник да се појави со писмена белешка за оставената заштеда.

На прашањето на новинарот на АА дали снопчето би го предал на некој музеј во Турција, Ал Алул изјави дека сочуваните пари сигурно ја имаат таа историска вредност, но дека за тоа треба да донесе одлука целото семејство.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın