Mehmet Yılmaz
25 Мај 2018•Ажурирај: 26 Мај 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската Унија (ЕУ) нема да може да ја лиши Унгарија од нејзиното право на суверенитет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Орбан, во своето неделно обраќање на унгарското државно радио „Кошут“ (Kossuth), ја критикуваше политиката на ЕУ кон мигрантите.
Тој истакна дека ЕУ проблемот со мигрантската криза го гледа низ рамката на човековите права, додека неговата земја ова прашање го гледа како проблем на националната безбедност. Унгарија, како што рече, во тие рамки и ќе ја продолжи борбата.
Истакна дека земјата планира да направи законски и уставни промени поврзани со борбата против илегалната миграција. Овие промени, како што посочи Орбан, ќе ги отфрлат можните напади на ЕУ.
Орбан, исто така, нагласи дека единствено Унгарците имаат право на носење одлуки во врска со тоа кој ќе живее во Унгарија.
„Отворено сакам да порачам дека Брисел не може на Унгарија да ѝ го одземе нејзинот суверенитет“, потенцираше Орбан.