Betül Yürük
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) објавија дека минатата година во војните и во регионите зафатени со судири во светот, од различни експлозивни направи, загинале 43.000 луѓе, и дека 75 отсто од тие жртви сe цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Канцеларијата за координација на хуманитарната помош (OCHA) објавенo по повод 19 Aвгуст, Светскиот ден на хуманитарната помош, е нагласено дека се зголемува бројот на цивили убиени во подрачјата зафатени со судири.
Се истакнува дека минатата година од различни експлозивни направи и оружје загинале 43.000 лица, од кои 31.904 се цивили.
Според овие податоци се заклучува дека од четири жртви, три се цивили. Во нападите врз припадниците на акциите за хуманитарна помош минатата година загинале 109 лица, 102 се ранети, додека 72 хуманитарци се киднапирани.
Заменик генералниот секретар на ОН за хуманитарни работи, Марк Лоукок, упати повик за запирање на нечесното убивање цивили и припадници на хуманитарни организации кои им помагаат на цивилите, а сторителите на овие злосторства да бидат адекватно казнети.
Лоукок нагласи дека владите според меѓународното право се должни да ги заштитат цивилите, цивилната инфраструктура и хуманитарните работници од нападите на оружените групи.
ОН минатата година започна иницијатива под називот „NotATarget“, чија цел беше да се укаже на убивањето на цивилите и хуманитарните работници, а во оваа кампања поддршка дадоа над два милиони луѓе. Слична кампања под назив „selfie“ е започната и оваа година.