Ekipa
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Од источен Алепо и Идлиб стигнаа уште три конвои со ранети лица, со тоа бројот на евакуирани се зголеми на 7.500, јавува Anadolu Agency (AA).
Источниот дел на Алепо е под опсада на силите на сирискиот режим и странските провладини терористички групи со кои заповеда генерал од Иран. Според информациите до кои дојде новинарот на АА, евакуацијата на цивилите и опозицијата е продолжена на безбеден начин и во текот на ноќта.
До утринските часови евакуирани се десетици автобуси и минибуси во склоп на три конвои во кои се наоѓале цивилите и членовите на опозицијата.
Стотици ранети, кои се наоѓале во конвојот, се префрлени до Идлиб кој е под контрола на опозицијата.
Со посредство на Турција, во вторникот беше постигнат договор за прекин на огнот и за евакуација на цивилите од источниот дел на Алепо кон Идлиб.
Да потсетиме, првиот конвој со 200 ранети лица пристигна вчера во делот на Алепо кој го контролираат силите на сирискиот режим, а потоа со зелени автобуси преминаа на четири километри оддалечената западна периферија, која е под контрола на опозициските сили.