Ekip
14 Мај 2016•Ажурирај: 15 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од почетокот на бегалската криза, при што бегалци од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка тргнаа кон европските земји во потрага за мирот и подобро утре, Република Македонија, како една од земјите од Балканската рута, беше незаобиколна точка од нивниот долг и макотрпен пат.
Во изминатата година околу милион бегалци ја поминаа Република Македонија. Откако западно-европските земји одлучија да ги затворат своите граници за бегалците, истото го направија и другите балкански земји вклучувајќи ја и Република Македонија.
„Почнувајќи од 08.03.2016 година, откако земјите членки на ЕУ ја затворија Западно-балканската рута па до 12.05.2016 година, откриени се вкупно 11.803 мигранти, сите на влез во Република Македонија при илегален обид за преминување на македонско-грчката граница, и истите се вратени во Република Грција.Секој обид за нелегален влез во Република Македонија е спречен од полициските и армиските службеници заедно со странските полициски службеници распоредени долж граничната линија", потврди за Anadolu Agency (AA) Наталија Спирова Кордиќ, началник на Сектор за односи со јавност и протокол во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при Министерство за внатрешни работи на Република Македонија.
- Криумчарење на мигранти: Алтернатива за нивно продолжување на патот кон Европа
Спирова-Кордиќ, меѓу другото, информира дека во периодот од 01 јануари до 11 мај 2016 година, откриени се вкупно 19 кривични дела „криумчарење на мигранти“, за што против 23 лица се поднесени кривични пријави, кои се обиделе да прокриумчарат вкупно 319 мигранти. Објаснувајќи за постапката по нивното фаќање на територијата на Република Македонија, Спирова-Кордиќ вели дека мигрантите фатени во овие ситуации кои преку ,,криумчарите на мигранти" се обидуваат нелегално да остварат влез, да транзитираат низ Република Македонија, како би стигнале во некоја од земјите на ЕУ што е нивна крајна цел, се носат во прифатниот Центар во Гази Баба и се процесуираат по редовни судски постапки.
Минатиот месец, според статистичките податоци достапни за јавноста, остана нејасно што се случило со повеќе од 400 бегалци кои биле евидентирани дека влегле во државата, но сепак никаде не фигурираат. Според локалните извори постојат наводни тврдења дека бегалците преку илегални начини со помош на криумчари успеваат да ја поминат македонската северна граница и да стигнат до Србија за што на криумчарите им плаќаат околу 1500 евра по лице.
- Сегашната бројна состојба на бегалците во Македонија
Според добиените податоци од МВР во Република Македонија има 493 бегалци, од кои 392 се во транзитниот центар за бегалци на северниот македонски граничен премин Табановце, а 101 лице се наоѓа во прифатно-транзитниот центар Винојуг во Гевгелија.
Како дел од мерките за контролирање на бегалската криза кои ги договорија некои од европските земји, во Република Македонија на граничните премини се присутни и 99 странски полициски службеници од кои: 8 се од Хрватска, 8 од Словенија, 7 од Србија, 25 од Словачка , 30 од Полска и од Австрија 21 полициски службеник.
- Апел од УНХЦР и невладините хуманитарни организации: Затворањето на границите ќе поттикне илегални миграци
Кога бегалците или мигрантите ќе бидат фатени на територијата на одредена држава во која илегално влегле, и тогаш треба да се почитуваат основните човекови права и слободи, како и меѓународните конфенции кои државите ги имаат потпишано во однос на ова прашање, вели за АА Љубинка Брашнарска, портпарол на УНХЦР Македонија.
„При целосниот третман на бегалците потребно е почитување на нивните права, а секако, ние се залагаме и за зајакнување на системите за азил со што би се направил подобар пристап до системот за азил на сите оние на кои тоа им е потребно”, изјавува Брашнарска, наведувајќи дека е потребно почитување на достоинството на лицата кои бараат заштита.
УНХЦР и невладините хуманитарни оранизации кои активно работат во справувањето со бегалската криза во неколку наврати апелираа дека затворањето на границите ќе ја врати бегалската состојба како што тоа беше пред повеќе од година дена, кога во Република Македонија не беше сменет Законот за азил, па бегалците немаа право да користат јавен превоз поради што се обидуваа да изнајдат различни начини да поминат низ македонската територија од каде се упатуваа кон западно-европските земји.