Besar Ademi
10 Март 2016•Ажурирај: 11 Март 2016
ГЕВГЕЛИЈА(АА) – Помошник секретарот за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, Викторија Нуланд, го посети прифатниот центар за бегалци во Гевгелија и граничната точка на јужната македонска граница, за директо да се информира со предизвиците со кои се соочуваат македонските власти и условите во кои живеат бегалците, јавува Anadolu Agency (АА).
При посетата Нуланд беше придружувана од директорот на Бирото за Јавна Безбедност на Македонија, Горанче Савовски. Посетата се одржа под силни безбедносни мерки.
Како што известува македонското министерство за внатрешни работи, разговарано е за актуелната ситуација на бегалците, следните решенија со цел избегнување тензичната ситуација долж границите на т.н Балканска рута, регистрацијата на бегалците, како и можните начини за продлабочување на соработката за справување со приливот на бегалци помеѓу земјите погодени од бегалската криза.
„На средбата беше наведено дека Соединетите Американски Држави (САД) ги поздравуваат напорите за решaвање на бегалската криза и дека ќе продолжат со охрабрување на координираните решенија фокусирани кон почитувањето на правата на луѓето, како и промовирањето на соодветните хумани политики за миграција”, се посочува во соопштението.
Делегацијата, предводена од помошник секретарот за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, Викторија Нуланд, се очекува да го посети и прифатниот центар за бегалци во Идомени, каде речиси 15.000 бегалци се заглавени уште од понеделникот, поради затворањето на Балканската рута за илегалните бегалци.