Aşkın Kıyağan
30 Март 2018•Ажурирај: 31 Март 2018
ВИЕНА (АА) - Медијаторот на Обединетите нации (ОН), за спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, истакна дека е важно да се воспостават добри односи меѓу Македонија и Грција, и дека е полн со надеж дека тие ќе се унапредат во позитивна насока, јавува Anadolu Agency (AA).
Медијаторот Нимиц и министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров се состанаа во австрискиот главен град Виена, со цел да разговараат околу спорот со името меѓу двете земји, средба чиј домаќин беше австиската министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл.
Средбата беше затворена за медиумите, додека по средбата се одржа прес-конференција, каде Нимиц во име на ОН и двете земји упати благодарност до Австрија која беше земја-домаќин на оваа средба.
Нимиц истакна дека одржале една коснтруктивна средба, и дека покрај министрите на двете земји, дипломатите и експертите вршат напори за постигнување компромис од уставен аспект околу ова прашање, и дека постигнале одредено унапредување.
Нимиц, исто така, нагласи дека нема да даде детали за содржината на средбата.
„Работиме за решавање на спорните прашања. Според мое лично мислење, моите чувства се кон позитивна насока. Минстрите на двете земји разменија мислења за обезбедување на стабилноста во регионот и воспоставување на долгогодишни односи. Важно е да се воспостават добри односи меѓу двете земји. Јас сум полн со надеж дека ќе унапредиме на позитивна насока“, додаде медијаторот Нимиц.
- Димитров: Направен е условен напредок
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров изјави дека на средбата разговарале за сите отворени прашања како и дека е направен условен прогрес.
„Разговаравме за сите отворени прашања, за целиот пакет. Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок, бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат се’ повеќе на виделина", истакна Димитров, информираше Министерството за надворешни работи на Македонија.
Потсетуваме, минатиот петок, на 23 март, во Скопје престојуваше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој се состана со политичките лидери во земјата, меѓу кои и со неговиот македонски колега Никола Димитров.
Зборувајќи за одржливо решение кое ќе ги задоволи двете страни, Димитров рече дека сеуште има многу потенцијал за наоѓање прифатливо решение и за јавноста на двете страни.
Грчкиот министер Коѕијс, на заедничката прес конференција со Димитров во Скопје, говорејќи за евентуално решение во спорот околу името рече дека фер и коректно решение ќе биде она решение кое ќе ги земе в предвид интересите на двете страни, кои сега веќе се разгледани и се разгледуваат во преговорите.