İlkay Guder
10 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
МОСКВА (АА) - Започна состанокот меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин во Москва, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот се одржува во палатата Кремљ и е затворен за медиумите. Претседателот на Турција, Ердоган, на аеродромот во Москва беше пречекан со најголема државна почест од страна на рускиот заменик-министер за надворешни работи, Алексеј Мешков.
Претседателот на Република Турција пристигна во официјална посета на Русија, чија цел е да се продолжи процесот за нормализација на односите и интензивирање на соработката меѓу двете земји.
Во Москва денес ќе биде одржана седница на Советот на турско-руската соработка, која минатата година не беше одржана поради кризата во билатералните односи предизвикана од случајот со рушењето на рускиот авион во ноември 2015 година, во јужниот дел на Турција.
Кризата во турско-руските билатерални односи беше прекината во средината на минатата година, кога турскиот претседател Ердоган му упати писмо на рускиот колега Владмир Путин, а потоа двајцата лидери одржаа и заеднички состанок. Така започна процесот за нормализација на односите, што даде резултат во јануари оваа година, кога турскиот извоз во Русија беше зголемен на 150 милиони долари, што е за 59,1 отсто повеќе во однос на извозот во декември минатата година.
Двете страни направија големи отстапки во интензивирањето на соработката во секторите енергетика и туризам, но и понатаму се на сила големиот број ограничувања што Русија, по соборувањето на рускиот авион, ги воведе кон турските државјани кои живеат во Русија, како и кон турските бизнисмени и лицата што соработуваат со Русија. Ограничувања се на сила и кон турскиот земјоделски сектор.
Во рамките на седницата на Советот за турско-руска соработка, се очекува пред претседателите Ердоган и Путин да се најдат низа договори за интензивирање на билатералната соработка во областите економија, енергетика, одбрана и култура, а се очекува да се разгледаат и опциите за конкретно ублажување на преостанатите руски санкции кон Турција.