Besar Ademi
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, по средбата со премиерот Зоран Заев, истакна дека извештајот на Европската комисија за напредок за Македонија е едно големо достигнување за земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова е добра вест. Вие се вративте на вистинскиот пат, и оценувањето на Европската комисија е врз основа на тоа што условите кои беа поставени последниот пат се исполнети, а потоа ние му препорачавме на Советот да донесе одлука за отварање на преговорите“, рече Могерини.
Могерини нагласи дека ова достигнување е заеднички успех на Владата, Парламентот и опозицијата, како и на сите граѓани на Македонија.
„Ова не е достигнување само на Владата, туку е достигнување на сите институции во земјата, почнувајќи од претседателот, Владата, Парламентот, локалните власти, цивилното општество сè до граѓаните на оваа земја. Тоа, исто така, го вклучува и капацитетот на мнозинството и опозицијата да работат заедно. Овој заеднички резултат на Владата и опозицијата им дава одговорност да ги обединат силите за да ги направат наредните чекори“, додаде Могерини.
Но, како што рече Могерини, сè уште постои ризик доколку земјата не напредува или се враќа на погрешен пат ако, според неа, политичките сили не се менаџираат за да успеат да ги идентификуваат националните приоритети на граѓаните на оваа земја.
Таа нагласи дека останува уште работа што треба да се направи, односно продлабочување на реформите, и истакна дека оваа позитивна енергија на Македонија ќе продолжи и во иднина.
Премиерот Заев упати благодарност до Могерини и нагласи дека нејзината посветеност помогнала во реформскиот процес на Македонија.
Заев рече дека изминатите 10 месеци Македонија направила еден голем чекор во евроинтеграцискиот процес, а овој чекор и позитивната енергија е оценуван од страна на ЕУ.
Запрашан дали ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција до самитот на ЕУ, кој ќе се одржи во јули, со цел Македонија да добие датум за започнување на преговорите, Заев изрази оптимизам дека сега е време да се најде решение во интерес на двете страни, кое ќе го заштити идентитетот.
„Убеден сум дека ќе добиеме датум за преговори, бидејќи она што досега го имаме постигнато со Грција навистина го гарантира тоа. Ние ќе бидеме сите среќни ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно“, додаде Заев.
Могерини престојува во официјална посета на Македонија еден ден по препораката на Европската комисија за отварање на преговорите за членство на земјата во ЕУ. Таа ќе биде применаи од претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, додека вчерва ќе присуствува на работна средба со премиерите на шестте земји од Западен Балкан, во рамките на Дигиталниот самит, кој овие два дена се одржува во Скопје.
Според најавеното, Могерини утре ќе име обраќање во Собранието на Р. Македонија.