Ivana Ramadanova
19 Април 2018•Ажурирај: 20 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија треба јасно да го има пред себе патот кој го трасираше изминатиот период, порача шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во денешното обраќање пред пратениците во Законодавниот дом, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бидете горди на позитивната препорака и што се вративте на патот кај што треба да бидете. Не заборавајте како се гради единство, особено по политичката криза која сега е надмината. Гледам нација со голема самодоверба, обединето мултиетничко општество кое сака да биде дел од ЕУ“, рече Могерини.
Таа потенцираше дека за во иднина е потребно поголемо единство и заложби, додавајќи дека ова се заеднички резултати и за Владата и за опозицијата, кои имаат одговорност да ги обединат силите за следните чекори.
Могерини изрази уверување дека разговорите со Грција ќе доведат до решение, кое ќе ги задоволи двете страни, и дека тоа ќе прерасне во основа за идна обединетост на европскиот континент, апелирајќи Македонија да се движи брзо кон ЕУ и да инвестира во единството, демократските институции и во младите, односно во нивните аспирации и желби да се приклучат кон ЕУ.
„Време е да почнеме да трчаме заедно, еден со друг, заедно со вашите соседи уверена сум дека ќе стигнете многу далеку“, порача Могерини.
Во своето обраќање, шефицата за надворешна политика на ЕУ, истакна и дека најголемото достигнување е во реформите, кои се најголемиот знак за зрелост на демократските институции, додавајќи дека не се работи само за внатрешни реформи, туку и за реформи во односите со соседите и регионалната динамика.