Şerife Çetin
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, истакна дека верува оти министрите за надворешни работи на ЕУ нема да донесат одлука за нови санкции против Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини во изјава за медиумите пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ кој се одржува во Луксембург, на кој учествуваат министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, нагласи дека главните точки во агендата на состанокот ќе бидат Сирија, Русија, Иран и Западен Балкан.
Таа истакна дека повторно ќе го потврди ставот на 28-те земји членки против користење на хемиско оружје во Сирија, и дека ќе направат подготовки за конференцијата за Сирија што ќе се одржи меѓу 24 и 25 април во Брисел.
Могерини рече дека очекува сите земји членки да дадат поддршка за нуклеарниот договор околу Иран.
„Моментално постојат одредени санкции против Иран. Не предвидувам денес министрите за надворешни работи да донесат одлука за нови санкции“, додаде таа.
Откако беше потсетена за изјавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека на 12 мај ќе се повлече од нуклеарниот договор со Иран, Могерини истакна дека е важно сите страни да го почитуваат договорот, и додаде: „Се обидуваме да ги убедиме нашите американски пријатели“.
Могерини нагласи дека на состанокот ќе разговараат и околу односите со Русија, и дека ќе разменат мислења околу процесот за членство на Западен Балкан во ЕУ.