Hakan Çopur
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Министерството за правда на САД изјави дека министерот Џеф Сешнс во 2016 година двапати се сретнал со рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак, но оти ниедна од овие средби нема врска со тврдењата за поврзаност на Русија со изборната кампања на Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA)
Портпаролката на Министерството за правда на САД, Сара Исгур Флорес за АА даде изјава во врска со средбите меѓу рускиот амбасадор и Сешнс во 2016 година.
Портпаролката рече дека Сешнс во 2016 година, како сенатор и член на Комисијата за вооружени служби во Сенатот, остварил средби со 25 различни амбасадори, во различно време и на различни места. Таа додаде дека две од овие средби биле со рускиот амбасадор во Вашингтон, Кисљак и оти тоа е многу нормално.
Флорес потврди дека пред Сешнс да стане министер, на седница на Сенатот одговорил негативно на прашањата на сенаторите во врска со тоа дали е поврзан со Русите и додаде оти сенаторите не ги довел во заблуда, затоа што поставувале директни прашања во врска со Русите и за кампањата на Трамп.
Посочувајќи дека средбите што ги одржал Сешнс се рутински дипломатски односи на еден сенатор, Флорес потврди дека Сешнс првпат се сретнал со Кисљак во јули, на средба на која имало повеќе присутни и вторпат во септември, во рамките на една посета. Флорес истакна дека ниту една од овие средби немала никаква врска со изборната кампања на Трамп.
- Сешнс ги отфрли сите тврдења -
Подоцна Сешнс даде изјава во врска со темата, изјавувајќи: „Не се сретнав со ниту еден руски официјален претставник за да дискутирам за изборната кампања. Не знам во врска со што се овие тврдења. Тие не се точни“.
- Демократите велат: „Треба да си поднесе оставка“ -
Од друга страна, демократите сметаат дека Сешнс во ниту еден случај не треба да биде вклучен во истрагата на Бирото за федерална истрага (ФБИ) и на Министерството за правда во врска со тврдењата дека Русите интервенирале со кибер-напад за време на претседателските избори во САД.
Ненси Пелоси, заменик-претседател на малцинските демократи во Претставничкиот дом, претставник на 12-ти конгресна област во Калифорнија, отиде еден чекор понапред и рече: „Сешнс лаже и треба да си поднесе оставка“.
Поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин поднесе оставка поради тоа што ги измами Белата куќа и потпретседателот Мајк Пенс во врска со неговата средба со Кисљак за време на изборната кампања.