Kasım İleri
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џим Матис, изјави дека Турција е земја која се наоѓа на првата линија на НАТО, бидејќи се наоѓа на првиот фронт на катастрофата која режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад со помош на Иран и Русија му ја нанесе на сопствениот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на летот кон Брисел каде што ќе присуствува на министерскиот состанок на НАТО, Матис во разговор со новинарите истакна дека САД мораат да најдат начин за задоволување на легитимните интереси на Република Турција.
Тој го кажа тоа во контекст на неодамна постигнатиот турско-американски договор за мапата на патот за решавање на проблемите во сириски Мунбич, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК, која дејствува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС).
„Работиме на тоа да се задоволат легитимните безбедносни барања и интереси на Турција, нашиот сојузник во НАТО. Истовремено, СДС е организација која водеше тешка борба и ги победи терористите на ДЕАШ и нема да ја турнеме во ќош“, изјави Матис.
Американскиот државен секретар за одбрана, Матис, истакна дека е важно да се преземат сите мерки терористичката организација ДЕАШ да не ја врати силата во регионот и додаде дека војната во Сирија е многу сложена.
На прашањето на новинарите како САД мислат истовремено да соработуваат со Турција и со терористите на ЈПГ/ПКК кои се кријат зад називот Сириски демократски сили (СДС), Матис изјави дека тоа е крајно комплицирано прашање.
„Тоа е најсложеното поле на војна што некогаш сум го видел. Меѓутоа, работиме на отстранување на безбедносните грижи на Турција, а воедно го победуваме и ДЕАШ. Признавам дека тоа е комплицирана работа, но работиме на тоа. Се обидуваме да пронајдеме решение, не против Турција, туку со Турција“, заклучи Матис.
Мунбич е сириско подрачје на западниот брег на реката Еуфрат кое од август 2016 година е под окупација на ЈПГ/ПКК, терористичка организација која на северниот дел на Сирија дејствува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС).
Турција предупредува дека станува збор за сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека СДС е веродостоен парнер во борбата против ДЕАШ. Во составот на СДС се наоѓаат и неколку мали вооружени групи на локалните арапи, а Вашингтон тврди дека не им помага на терористите, туку на арапските борци во Сирија.
Делегациите на Турција и САД минатата недела во Анкара договорија нацрт на планот за решавање на случајот на Мунбич, според кој во неколку фази тој регион би требало да го напуштат терористите, а локалното население да ја преземе власта со поддршка на турските и американските сили.
На почетокот од неделата во Вашингтон се состанаа шефовите на турската и американската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и Мајк Помпео, и ја потврдија мапата на патот за воспоставување безбедност и стабилност во Мунбич.