Ivana Ramadanova
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен, денес во Скопје потпишаа договор за економска и техничка соработка, со кој Владата на Народна Република Кина ќе обезбеди грант - помош на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Со овој договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина би се обезбедиле 20 милиони кинески јуани, односно околу 2.5 милиони евра, и истите би биле наменети за финансирање на проекти за реновирање на училишта, но и други проекти кои би биле утврдени како приоритетни од Владата на Република Македонија.
„Денеска го потпишуваме годишниот договор за економска и техничка соработка со Народна Република Кина и Република Македонија во кој што е предвиден грант или донација во вредност од 2.5 милиони евра, кои што треба да се користат со цел реализирање на проекти согласно приоритетите на Владата, меѓутоа пред сѐ приоритетните потреби на граѓаните на Република Македонија“, истакна Османи.
Тој изрази благодарност за севкупната финансиска помош која Кина ѝ ја дава на Македонија како во насока на финансирање на инфраструктурни проекти, така и во насока на финансирање проекти во областите кои се од витално значење за Република Македонија.
Тој додаде дека во иднина очекува засилување на оваа соработка, потенцирајќи дека финансиската помош, но и инвестициите кои доаѓаат од НР Кина, се добредојдени во Македонија.