Sefa Mutlu
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ТЕКНАФ (АА) - СЕФА МУТЛУ - Араканските муслимани и понатаму преминуваат преку реката Наф во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Од 25 август, повеќе од 370.000 Рохинџа муслимани од Мјанмар се обидуваат да пронајдат спас во Бангладеш. Соочувајќи се со различни тешкотии, тие се обидуваат да стигнат до камповите во Балукхали, Кутупалонга, Таингхаили и во Плангхаили.
Ни временските услови не им идат во прилог на араканските муслимани, зголеменото ниво на водата на реката Наф им задава дополнителни тешкотии.
Поради недоволната помош од страна на меѓународните хуманитарни организации, муслиманите од Бангладеш со сопствени средства му помагаат на угнетениот народ.

Лекари без граници подигнаа шатор во кој ги примаат цивилите што ќе успеат да ја преминат границата на Бангладеш. Од друга страна, од пограничното подрачје може да се види чадот што се крева над Аракан.
Додека чадот од час во час станува поинтензивен, илјадници аракански муслимани кои се сокриваат во планинското подрачје се обидуваат да најдат начин за да дојдат до реката Наф.
Оние што сѐ уште имаат сила ги носат старите и повредените. Поради нехигинеските услови во камповите во коишто се привремено сместени араканските бегалци, постои сериозна здравствена опасност.
Мухамед Јусуф Хусеин, лекар од Бангладеш кој се наоѓа во еден од камповите, порача дека араканските муслимани се во многу лоша состојба.
„И понатаму доаѓаат голем број бегалци од Мјанмар. Меѓу нив има голем број болни. Луѓето се принудени со денови да пешачат. И јас тука се обидувам да им помогнам“, вели Хусеин.
Се очекува денес премиерката на Бангладеш, шеик Хасина Вазед, да го посети бегалскиот камп Кутупалонг.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку денови сруши десетици муслимански села, од кои десетици илјади граѓани беа принудени да бегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизниот биланс на настраданите во нападите врз муслиманските села. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени луѓе.