АНКАРА (АА) - Тевфик Дурул
Покрај тоа што кинескиот е јазик што најмногу се зборува во светот, во просек, тројца од 10 Кинези, не се разбира со останатите 7-мина.
Anadolu Agency (AA), разгледувајќи ги податоците што ги објави кинеското Министерство за национално образование, забележа дека околу 380 милиони Кинези не го зборуваат мандаринскиот дијалект (стандарден кинески), кој во земјата е прифатен како „заеднички јазик“, поради што тие не можат да се разберат со 1,1 милијарда лица кои го зборуваат овој јазик.
Комисијата за национален јазик, која дејствува во рамките на кинеското Министерство, го објави Извештајот за развојот на кинескиот јазик и литература, во кој се наведува дека од вкупниот број Кинези, во 2000 година мандарински зборувало 53 отсто од населението, додека во 2015 година, нивото се искачило на 73 отсто. Околу 10 отсто од населението, поради изговорот или граматичките грешки, не го зборува правилно мандаринскиот.
Тоа посочува на фактот дека сѐ уште околу 380 милиони Кинези не можат да се разберат со преостанатите 1 милијарда и 50 милиони кинески државјани.

Мандаринскиот дијалект, освен во Кина, се користи и од страна на милиони лица со кинеско потекло кои живеат во Малезија, Сингапур, Австралија, САД, Канада и Европа. Според извештајот, во просек тројца од 10 Кинези не можат да се разберат со преостанатите 7-мина.
Кина вложува големи напори за издигнување на нивото на мандаринскиот јазик, кој со Законот од 1956 година е прифатен за заеднички „стандарден кинески“ јазик. Мандаринскиот, кој всушност претставува пекиншки дијалект, во исто време е еден од шесте официјални јазици кои се прифатени од страна на Обединетите нации (ОН). Преостанатите официјални јазици во ОН се англискиот, францускиот, арапскиот, шпанскиот и рускиот.
- „Ве молиме, употребувајте го заедничкиот јазик“
Во училиштата, банките и останатите државни институции, покрај пишаното предупредување: „Ве молиме, употребувајте го заедничкиот јазик“, луѓето и вербално се предупредуваат, а во официјалната комуникација се користи мандаринскиот дијалект. Меѓутоа, во руралните предели на земјата, со релативно мала населеност, населението има проблеми при извршувањето на административните работи, како што се вадење тапии, полномоштво и банкарски трансакции „бидејќи кинескиот не им е доволно добар“.
Кина, со цел постепено да ги отстрани овие проблеми, ѝ придава значење на употребата на мандаринскиот дијалект, при што се планира во 2020 година употребата на овој јазик да достигне 80 отсто од популацијата на земјата.
Во Кина живеат 56 етнички заедници. Во земјата во која доминира расата Хан, 8 отсто од земјата ја сочинуваат малцинства. Во Кина се користат 30 азбуки и 130 јазици. Меѓу нив, покрај кинескиот, се користат ујгурскиот, тибетскиот, казашкиот, монголскиот, корејскиот и киргискиот јазик, а постојат и други јазици што ги користат малцинските раси составени од неколку илјади лица.
- И Кинези од иста етничка припадност не се разбираат меѓусебно
Постојат 7 основни кинески дијалекти: беј, ву, шианг, хака, кантон, мин и ган. Во составот на овие дијалекти, влегуваат илјадници локални дијалекти. Поради слабата распространетост на мандаринскиот во руралните делови од земјата, поради различните дијалекти населението од селата во овие предели има проблеми во меѓусебната комуникација или воопшто не се разбира меѓусебно.
Кинезите од различни предели на земјата кои не го разбираат мандаринскиот, иако ѝ припаѓаат на иста етничка група, можат да имаат проблеми при комуникацијата поради постоечките разлики во изговорот и граматиката на дијалектот.
Иако разликите во акцентот можат да иницираат да се препознае од кое подрачје потекнува соговорникот, тие претставуваат голема пречка во вербалната комуникација.
- Постојат околу 90.000 карактери
Покрај јазикот, во земјата голем проблем претставува и азбуката именувана „ханзи“, која е еден од елементите кои ги измачува Кинезите.
Особено младите, кои во голем процент пишуваат преку компјутерските и мобилните тастатури, забораваат да ги пишуваат карактерите со молив.
И на универзитетите, вклучувајќи го и наставниот кадар, кој е опишан како оној што знае да „чита-пишува“, можат да се забележат „хронични“ грешки, било во употребата на мандаринскиот, било во пишувањето на кинеските карактери.
Познато е дека од кинеската азбука која содржи околу 90.000 карактери, во пишаните медиумски платформи се употребуваат околу 12.000 карактери.