Tevfik Durul
13 Јануари 2017•Ажурирај: 15 Јануари 2017
ПЕКИНГ (АА) – Кина предупреди дека САД треба да бидат подготвени за воен конфликт во случај новата Влада на САД да се обиде да ѝ го попречи пристапот на Кина до Јужното Кинеско море, јавува Anadolu Agency (AA)
Денес, на насловната страница на кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ се појавија остри критики на изјавата: „Треба да го спречиме пристапот на Кина до островите во Јужното Кинеско Море“ на кандидатот за министер за надворешни работи за новиот кабинет на Трамп, Рекс Тилерсон.
Во текстот на насловната страница се вели дека изгледа оти Тилерсон има остар став кон Кина, за да ја освои поддршката на сенаторите. „Ако се земе предвид моменталната армиска моќ и подготвеноста на Кина, новата Влада на Вашингтон нема да успее да го спречи пристапот на Кина до островите во Јужното Кинеско Море, сѐ додека не прифати војна од широки размери“, се вели во текстот.
„Ако нема подготовка за војна, овој потфат би бил глупост“
„Доколку Трамп и неговата екипа имаат вакви планови откако ќе дојдат на власт, треба да бидат подготвени за воен судир. Во спротивно, еден ваков потфат би бил глупост“, пишува весникот.
Кинеските власти реагираа и на минатомесечниот телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и лидерот на Тајван. Според нив, тоа е во спротивност со дипломатските практики.
Официјална Кина истакна дека постои загриженост поради критиката на Трамп за политиката на САД од 1979 па наваму, која е во насока на признавање на власта во Пекинг како единствен легитимен претставник на кинескиот народ.
- Предупредување за одмазда
„Глобал тајмс“ минатиот викенд објави текст на насловната страница, со предупредување дека доколку Трамп по преземањето на власта ја одбие политиката за единствена Кина, кинескиот народ ќе бара од власта во Пекинг да се одмазди.
Весникот, кој е составен од националистички новинарски кадар, директно е поврзан со Кинеската Комунистичка Партија.
Власта на Пекинг се обидува да ја зајакне својата позиција во спорните води на Јужното Кинеско Море, каде што гради воздухопловна база и цивилни објекти на вештачките острови што ги направи. Од друга страна пак, Кина води расправи за суверенитетот со регионалните држави како што се Филипините, Виетнам, Брунеи и Малезија. Преку овој регион, транспортните бродови секоја година во целиот свет остваруваат трговија од околу 5 трилиони долари.
Државниот совет на Кина пред еден ден објави извештај во кој се вели: „Ќе им се одговори соодветно на провокативните акции што го прекршат суверинитетот во Јужното Кинеско Море“.
Власта на Пекинг тврди дека ѝ припаѓаат 80 проценти од регионот на Јужното Кинеско Море, кое се протега на околу три милиони квадратни километри. Ова тврдење на Пекинг се темели на мапа од 1940 година.