Emre Aytekin
03 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
СИНГАПУР (АА) - Вицепремиерот и министер за одбрана на Катар, Халид бин Мухамед ел-Атије, истакна дека неговата земја нема да биде дел од евентуална воена интервенција врз Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Атије, во изјава за медиумите за време состанокот на „Дијалогот Шангри-Ла“, познат и како Безбедносен азиски самит, одржан во Сингапур, дискутираше околу регионалната безбедност.
Во врска со новинарското прашање дали Катар ќе ги отвори своите бази за воздушни напади при евентуална воена интервенција врз Иран, Атије рече: „Катар нема да биде дел од една воена интервенција врз Иран. Иран е наш сосед. Треба да се повика на дијалог, наместо да се војува со него, и треба да разговараме како може да се обезбеди мир, поставувајќи ги на маса сите досиеја. Дали мислите дека е разумно да се иницира војна со САД, Израел и Иран? Ако која било трета земја испровоцира одредена земја во регионот за да војува против Иран, тоа значи дека таа земја прави многу опасна работа“.
Истакнувајќи дека потребно е да се почитува нуклеарниот договор потпишан меѓу Иран и меѓународните сили, и дека на овој начин треба да се продолжат напорите за мировни преговори, Атије додаде дека верува оти САД ќе делуваат со здрав разум и нема да влезат во војна со Иран.
Во воздушната база „Ел Удејид“ во Катар се позиционирани 10.000 американски војници. Оваа база има важна оперативна улога во операциите на САД против ДЕАШ во Ирак и Сирија, и против Талибанците во Авганистан.