Ekip
11 Декември 2015•Ажурирај: 12 Декември 2015
БЕРЛИН (АА) - Рускиот политичар и некогашниот светски шампион во шах Гари Каспаров, осврнувајќи се на економските санкции кои рускиот претседател, Владимир Путин, ги воведе кон Турција, кажа дека „чекорите на Путин кон Турција се направени без визија, многу непромислено, многу провокативно и всушност на штета на Русија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Каспаров поради притисокот на владата на Путин својата политичка кариера мораше да ја продолжи надвор од земјата. Моментално се наоѓа во Берлин, каде разговараше со новинарот на АА.
„Стратегијата на континуитетот на Путиновата сила е заснована на виртуелни вистини. Зборува за големи нешта, покажува големи реакции. Вели „Можеме да влеземе во војна“. Но, секако дека нема да влезе во војна со земја која е членка на НАТО“, рече Каспаров.
„Нема извори, а воведува санкции и на тој начин му штети на рускиот народ. Ситуацијата е сериозна. Путин ја води Русија кон голема криза. И онака се прекинаа економските односи помеѓу Русија и европските земји. Сега се прекинуваат и со Турција. Поради санкциите кон Турција, направена е штета на рускиот туристички сектор, овој сектор скоро и да исчезна. Штета е што Путин мисли дека со краткорочни игри ќе може да ги жртвува интересите на Русија“, предупреди Каспаров.
Каспаров, осврнувајќи се на појавата на терористичката организација ДАЕШ, рече дека таа е создадена поради недоволната посветеност на западните земји, како и САД, во решавањето на проблемите на Блискиот Исток. Тој истакна дека приоритетот на воените мисии кои Русија ги изведува на подрачјето на Сирија, не е борбата против ДАЕШ.
„Продолжувањето на постоењето на ДАЕШ потекнува од непреземањето потребни чекори од страна на сите. Во борбата против ДАЕШ потребни се копнени единици на САД и Европа. Секој, многу добро знае, дека ДАЕШ не може да се уништи од воздух. Јасно е дека цивилите и туркменските групи се поголема мета на руските напади, отколку што е ДАЕШ“, рече Каспаров.
Тој истакна дека чекорите кои ги презема Путин во врска со Сирија се многу опасни и предупреди дека „Путин се храни со хаосот“.
„Него не го интересира обемот на хаосот и каде тој хаос ќе го однесе. Украина, Балтичките земји, Ерменија, Азејрбеџан или Сирија. Каде и да е, само хаос да е. Сирија, секако, е идеална за Путин. Затоа што тоа подрачје е целосно во хаос. Покрај тоа, Русија одреден период, нарушувајќи го воздушниот простор на земјите членки на НАТО, ја тестираше решителноста на НАТО. Во случајот со Турција, соборен е авион. Но, како што гледате, тоа се празни приказни. Путин раскажуваше големи приказни, но направи чекор назад. Сега се служи со приказната за нуклеарна војна. Тоа се застрашувања, уцени. Мора да покаже дека е непобедлив. Тој диктатор треба да се сопре“, рече Каспаров.