Selma Kasap
26 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Од источниот дел на Алепо во последните три недели евакуирани се околу 40.000 лица, соопшти портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин на прес-конференцијата одржана во Претседателската палата во Анкара, зборуваше за евакуацијата на цивилите и припадниците на опозицијата од источниот дел на Алепо.
Според него, евакуирани се околу 44.000 лица од Алепо и пренесени се во Идлиб.
Калин изјави дека се преземени сите мерки за пружање на прва помош во форма на основни потреби, и дека акциите и понатаму траат.
Портпаролот Калин зборуваше и за последната фаза на офанзивата „Штитот на Еуфрат”, која Турција ја спроведува во околината на Ал-Баб.
Според него, во последната недела забележани се успеси кога станува збор за борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Сакам да нагласам дека Вооружените сили на Турција вложуваат големи напори да не дојде до страдање на цивилите. Претходната недела стотици упоришта на ДЕАШ беа уништени, а неутрализирани се 226 припадници на ДЕАШ. Акциите се во тек, а и по ова ќе бидат продолжени на одлучен начин. Ова е неопходно од аспект на националната безбедност, а претставува и една од најважните фази во борбата против ДЕАШ”, истакна Калин.
Калин за наводите дека припадниците на терористичката организација ДЕАШ праќаат бомбаши-самоубијци во Ал-Баб, изјави дека разузнавачката служба и Генералштабот на Турција преземаат потребни мерки.
„Било какви акции да бидат преземени на терен, одлучноста на Турција за тоа прашање ќе биде продолжена и оваа операција ќе биде извршена”, порача Калин.
Портпаролот нагласи дека не е можно да се заврши војната во Сирија сè додека не биде воспоставенo праведно раководство, кое ќе обезбеди единство во земјата и ќе ги претставува сите нејзини делови.
„Мораме на некој начин да ја спречиме најкрвавата војна во современата историја која трае веќе шест години. Секој, сите земји треба да ги исполнат своите должности. Тука сите страни, од Русија до Иран, од Европа до Обединетите нации (ОН), до Америка имаат важни одговорности. Битно е да се пристапи конструктивно и да се фокусира на решавање на проблемите”, смета Калин.
Тој во врска со атентатот на рускиот амбасадор, Андреј Карлов, во Анкара истакна дека во моментот се укажува на поврзаност со терористичката организација ФЕТО.