Mahmut Atanur
06 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
ЏАКАРТА (АА) - Во земјотресот со интензитет од 7 степени според Рихтер, кој во неделата го потресе островот Ломбок во Индонезија, животот го загубија 91 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Националната агенција за управување со ризици од природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека најголем број настрадани се евидентирани во северниот дел од островот. На целата територија на Ломбок се повредени околу 300 лица.
Нугрохо додаде дека од островот Гили се евакуирани околу 1.000 домашни и странски туристи.
Земјотресот бил почувствуван и на Бали, каде што животот го загубија најмалку 2 лица.
Земјотресот предизвика оштетување на повеќе од 1.000 куќи, а акцијата за спасување се спроведува со учество и на хеликоптери.
Агенцијата за метеорологија, клима и геофизика на Индонезија претходно информираше дека земјотресот е евидентиран на длабочина од 15 километри, 27 километри североисточно од островот Ломбок. Истовремено Агенцијата го укина алармот издаден поради можноста од појава на цунами.
На меѓународниот аеродром „Праја“ дојде до краток прекин во напојувањето со електрична енергија, што предизвика доцнење во авиосообраќајот. За кусо време состојбата е нормализирана.