İlker Girit
21 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Највисокиот религиозен орган на Турција го преведе на осум јазици извештајот за злоупотреба на верата од страна на терористичката организација ФЕТО, група што стои зад минатогодишниот неуспешен обид за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Врз основа на анализата на околу 670 часа снимени говори на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, и неговите збирки дела во 80 публикации, извештајот на Управата за верски прашања (Дијанет) на Република Турција првпат е објавен на турски јазик во јули оваа година.
За да се прошири меѓународната свест за заканата од ФЕТО, извештајот е преведен на англиски, арапски, француски, германски, руски, албански, киргиски и на казашки јазик.
Извештајот на 90 страници открива дека Ѓулен, со цел да ги убеди своите следбеници дека неговите наредби се „водени од виша сила“, постојано имплицира дека тој разговарал со божјиот пратеник Мухамед.
Извештајот, исто така, покажува дека Ѓулен честопати го споменувал суфизмот во своите говори, со цел да привлече повеќе следбеници.
Според извештајот, тој им велел на своите следбеници дека е духовно поврзан со ангелите и дека може да зборува со големите суфиски светители од минатото.
„ФЕТО е движење тајно ангажирано во верско модифицирање преку маската на „верскиот дијалог“, додека она што навистина го прави е искривување на основата на исламот (сведочењето за Божјото едноштво - kalima-i tawheed)“, се вели во извештајот.
Управата соопшти дека извештајот ќе биде дистрибуиран во странство за да ги предупреди луѓето за намерната злоупотреба на бројни курански стихови од страна на ФЕТО, со цел да мобилизира членови.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 250 луѓе, а околу 2.200 беа повредени.
ФЕТО води долготрајна кампања за соборување на власта преку инфилтрирање на свои следбеници во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.