СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија на втората прес конференција соопшти дека излезноста на граѓаните на предвремените парламентарни избори во Македонија до 13.00 часот, на цела територија изнесува 34,83 проценти, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според изборни единици, ДИК соопшти дека излезеноста во ИЕ1 изнесува 38,35 проценти, ИЕ2-33,71 проценти, ИЕ3-38,67 проценти, ИЕ4-39,5 проценти, ИЕ5-33,55 проценти и ИЕ6-23,85 проценти", соопшти претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски.
На денешните предвремени парламентарни избори учествуваата 11 политички субјекти од кој 6 политички партии и 5 коалции, со 58 листи и 1092 кандидати за пратеници.
Во избирачкиот список се запишани вкупно 1.784.416 гласачи. Изборите се спроведуваат во 3.480 избирачки места во вкупно 6 избирачки единици во Македонија, а 46 избирачки места има во седмата изборна единица што ја опфаќа дијаспората, каде што за гласање се пријавени 20.573 гласачи кои своето право на глас го искористија во текот на вчерашниот ден.
Од ДИК велат дека до сега се поднесени околу 20 приговори, а досега разгледаните се од граѓани кои се пожалиле дека ги немало на Избирачкиот список.
Според неа од досега разгледаните приговори е утврдено дека овие граѓани биле на списокот со спорни гласачи и не поднеле барање за пријавување во предвидениот рок.
Од ДИК оценуваат дека немаат сознанија за поголеми инциденти и дека гласањето се одвива во мирна и фер атмосфера.
- МОСТ за излезноста до 13 часот
Граѓанската Асоцијација МОСТ на денешната трета по ред прес-конференција јавија за нови нерегуларности добиени од нивните набљудувачи и регионални канцеларии.
Претседателот на МОСТ Дарко Алексов рече дека како што истекува времето од изборниот ден, така се зголемуваат и дојавите за нерегуларности.
„ГМ 0473, општина Ростуше, член на ИО ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предава на неовластено лице. На ГМ 0558, општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентирало гласачите. Во ОУ Јане Сандански во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето било отстрането од страна на избирачкиот одбор“, рече Алексов.
Меѓу другите дојавени нерегуларности од страна на екипите на МОСТ се и регистрирани неовластени лица, кои ги евидентираат гласачите во Кичево, а забележани се и лица кои агитираат за гласање во општина Гази Баба и општина Чучер – Сандево. Во општина Кочани, пак, 12 гласачи гласале јавно, со покажување на своите гласачки ливчиња.
Според МОСТ, како во утринските часови така и подоцна забележани се фотографирања на ливчиња и тоа: во ГМ 2561, општина Ѓорче Петров, каде што избирачкиот одбор не реагирал и во ГМ 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник. Алексов пренесе дека фотографирање на гласачко ливче е регистрирано и во ГМ 1621, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.
Исто така МОСТ регистрирале дека во општина Чешиново – Облешево, активист на одредена политичка партија, кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семејството да му помогне на гласачот и тоа го направил тој самиот. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа.
Во општина Старо Нагорчане пак, слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот одбор не му дозволило и на лицето му помогнал член од избирачкиот одбор предложен од политичка партија. Исто така, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор.
Според МОСТ има неправилности и во општина Куманово, каде што во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил предупреден од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. Шестмина кои не биле пронајдени на Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле тројца од шетмината, на кои претходно не им било овозможено да гласаат.
Од МОСТ апелираат гласачите кои не се најдени на избирачкиот список на гласачкото место да инсистираат да ги бараат на списокот на гласачи во странство. Доколку гласачот не може да се пронајде во ниту еден список, треба да се упати во подрачната канцеларија на ДИК за да провери дали може да гласа на тоа избирачко место или е запишан во друго.
Излезноста на гласачите според податоците добиени од ПВТ програмата по изборни единици е: во ИЕ 1 до 13 часот излезноста изнесува 38,74%, ИЕ 2 – 33,41%, ИЕ 3 – 39,14%, ИЕ 4 – 39, 31%, ИЕ 5 – 33,87% и во ИЕ 6 – 24,83%.
news_share_descriptionsubscription_contact


