Besar Ademi
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на државни и воени претставници, претставници на дипломатскиот кор и други истакнати личности, пред Министерството за одбрана се одржа централната церемонија по повод 18 август - Ден на Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа централна церемонија за одбележување на Денот на АРМ, од страна на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, беа поканети министрите од владиниот Кабинет, пратениците во Собранието, амбасадорите и воените аташеи акредитирани во земјата, како и високи гости од бројни институции.
Со декрет на претседателот на државата и врховниот командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, за време на церемонијата, генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски беше назначен на функцијата началник на Генералштабот на АРМ. Ѓурчиновски дојде на местото на генерал-потполковникот Методија Величковски, на кого му заврши тригодишниот мандат.
Претседателот Иванов додели воено признание за Првиот механизиран пешадиски баталјон од првиот механизиран баталјон и баталјонот за врска, а беа прочитани и наредби за унапредување на старешините во повисоки офицерски чинови, беа доделени плакети, признанија за соработниците и организациите со кои соработува Министерството за одбрана и АРМ.
Претседателот Иванов во своето обраќање пред присутните истакна дека крајот на студената војна создаде една илузија дека конфликтите се поневеројатни, а армиите се помалку потребни.
Иванов нагласи дека многумина станаа заробеници на реториката дека вложувањето во одбраната е трошок, наместо инвестиција, но, дека реалноста има навика да ги разобличува конструираните илузии.
„Во изминатите три години го видовме само почетокот на мигрантската криза со која ќе се соочуваме во текот на целите наши животи. Сè поголеми се заканите од радикални поединци и групи кои имаат за цел да ги анулираат нашите вредности и начинот на кој сакаме да живееме. На Балканот, повторно, се зборува за корекции на граници, за размена на територии и население. Како да се заборава лекцијата дека секој план за корекција на границите на Балканот создава негативна верижна реакција. Преседаните на Балканот се користат и ќе се користат за други цели во Источна Европа, Кавказот, Блискиот Исток и Северна Африка. Ова се сериозни предизвици кои бараат сериозни инвестиции. За таа цел, инвестирањето во одбраната е приоритет кој владата мора да го следи“, рече Иванов.
Од друга страна, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека АРМ беше тивкиот дипломат кој помогна во добивањето на поканата за членство на земјата во НАТО.
Таа изрази благодарност до македонската Војска, која, според неа, на вистински начин ја застапува земјата на меѓународен план.
„17-ти август е убав датум да го сумираме летото во кое како држава, како Министерство за одбрана, како Армија на Република Македонија, го постигнавме големиот исчекор, покана од НАТО и неповторлива шанса за почеток на преговори со Европската Унија. Сега сме некаде на почетокот на крајот на остварување на овие стратешки приоритети“, додаде Шекеринска.
Според неа, АРМ со своето ангажирање во реформите, професионализмот и со постигнатите резултати дала придонес Македонија да стане вреден и посакуван партнер на НАТО-Алијансата.
Изутрина, на гробиштата „Бутел“ во Скопје, бројни делегации со воени почести положија цвеќе на гробовите на партизаните, на гробот на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, и на гробот на генералот Михаило Апостолски.
На 18 август во 1943 година на Славеј Планина, во подрачјето на Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета како прва организирана воена формација на Националното ослободително движење на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ, која оваа година одбележува 26. годишнина од своето формирање.