Ekipa
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - И покрај предупредувањата од САД, режимот на Башар ал Асад продолжува со своите подготовки за операциите во Дера, на југот од Сирија. Иранските сили кои донесоа одлука да се повлечат, се скриле меѓу војниците на режимот, со цел да им дадат поддршка во нападот кој се очекува да започне секој момент, јавува Anadolu Agency (AA).
Во јужниот дел на Сирија, силите на режимот на Башар ал Асад ги продолжуваат своите подготовки за напад врз подрачјето кое САД и Русија во преговорите го прогласија за безбедносна зона.
Според информациите кои дописникот на АА ги доби од опозициски извори, силите на режимот доцна синоќа ги нападнале опозиционерите источно од Дера, но опозицијата успеала да го разбие нападот.
Режимот синоќа во подрачјето испратил најмалку 60 оклопни возила, зголемувајќи ја својата моќ.
Режимот на Асад во подрачјето ги испратил единиците на Републиканската гарда, Националните одбранбени сили, Лавовски сили, Палестинската ослободителна војска, Ерусалимски бригади и милициски елементи именувани како 4-та, 7-ма, 9-та, 14-та и 15-та единица.
- Наместо повлекување, прикривање -
Од друга страна, изворите информираа дека минатиот месец, странските терористички борци поддржани од Иран се повлекле од некои фронтални линии и командни центри.
Но повлекувањето било само претстава поради чувствителноста на ситуацијата со Израел и Јордан, по што се покажа дека иранските сили се скриле во рамките на режимските единици.
Според информациите до кои дојде дописникот на АА, во подрачјето на Дера, во нејзиниот централен дел, на северот од градот, во источниот дел и во североисточниот дел на градот, под знамето на режимот распределени се ирански војници и групи поддржани од Иран.
- Предупредувања од САД -
Според договорот од Астана од мај минатата година, подрачјето на Дера беше прогласено за едно од зоните за намалување на тензиите, додека два месеци подоцна, раководствата на Русија и САД постигнаа нов договор, според кој подрачјето беше прогласено за безбедносна зона.
До скоро време, САД и Велика Британија, во соработка со јорданската војска, им даваа помош на опозиционерите на граничната линија, а сето тоа беше прекинато по постигнувањето на договорот со Русија.
Раководството од Вашингтон, на 27 мај го предупреди режимот во врска со операцијата во Дера, по што портпаролката на американското Министерство за надворешни работи, Хедер Нојерт, изјави дека САД со загриженост ги следат силите на режимот кои се подготвуваат за напад.
Портпаролката Нојерт на 14 јуни го повтори предупредувањето, изјавувајќи: „САД ќе ги преземат потребните мерки, доколку силите на режимот во подрачјето го прекршат примирјето“.
Подрачјето на Дера коешто е под контрола на опозицијата е составено од два основни басена. Двата басена, по должината на границата ги поврзува тесен коридор.
Контролата на градот е поделена на два дела, на север се силите на режимот на Асад, а на југ опозицијата.